• вторник, 24 декември 2024

Лидерите на Г-7 се согласија за вакцините, климатските промени и за глобален даночен систем

Лидерите на Г-7 се согласија за вакцините, климатските промени и за глобален даночен систем
Лондон, 13 јуни 2021 (МИА) - Тридневниот Самит на Седумте најразвиени индустриски земји (Г-7) во Корнвол заврши со заедничката декларација во која се наведува дека Г-7 идната година ќе донира една милијарда вакцини против Ковид-19, ќе обезбеди повеќе пари за борбата против климатските промени и ќе се воведе глобален минимален данок од најмалку 15 отсто за мултинационалните коорпорации. Г-7 најави дека идната година ќе дoнира една милијарда вакцини против Ковид-19 за програматра КОВАКС и оти ќе соработува со приватниот сектор, со Г-20 и со други држави. Во декларацијата се бара Светската здравствена организација (СЗО) подетално да го испита потеклото на Ковид-19 во Кина, истакнувајќи дека истрагата мора да биде „транспарентна“ и „водена од експерти“. Лидерите на Г-7 се согласија да го зголемат својот придонес во финансирањето на климатските активности и да го исполнат ветувањето дека ќе обезбедат 100 милијарди долари годишно помош за посиромашните земји. Г-7 ги повика и другите развиени земји да се приклучат во борбата против климатските промени. - Ја потврдуваме колективната цел на развиените земји да работат заедно за да обезбедат 100 милијарди долари годишно до 2025 година од јавни и приватни извори, во контекст на суштинско дејствување и транспарентност, се наведува во декларацијата. Исто така лидерите на Г-7 се согласија да се укине државната помош за електраните на јаглен. Сите земји-членки на Г-7 се обврзаа дека до 2050 година ќе постигнат нула емисии на јаглерод, но според голем број еколози тоа ќе биде предоцна. Лидерите на земјите-членки на Г-7 го поддржаа реформскиот проект изработен од нивните министри за финансии за воведување на глобален минимален данок за борба против даночната конкуренција меѓу земјите. Седумте најразвиени индустриски земји ја повикаа Русија да „престане со дестабилизирачките активности“, да ги почитува човековите права и да ги изведе пред лицето на правдата одговорните за кибер напади од нејзината територија. - Ја повикуваме Русија под итно да го истражи и да даде веродостојно објаснување за употребата на хемиското оружје на своја територија, се наведува во завршната декларација. Лидерите на Г-7 ја повика Русија и да престане со „систематската репресија врз цивилното општество и независните медиуми и да ги идентификува и да одговараат лицата кои од нејзина територија извршуваат кибер напади“. Во декларацијата се повикува и Кина да ги почитува човековите права на ујгурското муслиманско малцинство во Ксинџијанг и на жителите на Хонг Конг, притоа изразувајќи подготвеност да соработува со со Пекинг за прашањата од „заеднички интерес“. Во документот Г-7 го поддржа одржувањето на Летните олимписките игри во Токио од 23 јули до 8 август, што беа одложени поради пандемијата со Ковид-19. ми/

Остани поврзан