„Либертис“: Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија и Словачка активно го кршат владеењето на правото
- Владите на земјите членки на ЕУ постојано и намерно го кршат владеењето на правото, предупреди денеска европска организација за граѓански слободи, „Либертис“ (Civil Liberties Union for Europe)
Берлин, 30 март 2026 (МИА) - Владите на земјите членки на ЕУ постојано и намерно го кршат владеењето на правото - предупреди денеска европска организација за граѓански слободи, „Либертис“ (Civil Liberties Union for Europe).
„Либертис“ во извештајот за 2026 година владите на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Италија и на Словачка ги оценува како „деконструктори“, кои активно го поткопуваат владеењето на правото.
Според извештајот во Словачка, и во Бугарија е регистрирано назадување во сите области - судството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и механизмите за контрола на граѓанското општество.
Унгарија, каде што премиерот Виктор Орбан е на власт 16 години, „останува во својата категорија, продолжувајќи да спроведува сè порегресивни закони и политики без знаци на промена“.
Во вториот дел од извештајот, „Либертис“ наведува дека во Белгија, Данска, Франција, Германија и Шведска, иако се земји со силна демократска традиција, забележан е пад на владеењето на правото во некои области.
А во Чешка, Полска, Естонија, Грција, Ирска, Литванија, Романија и Шпанија ниту се подобрува ниту се влошува владеењето на правото.
Во извештајот се посочува дека механизмите на ЕУ за решавање на ерозијата на владеењето на правото се претежно неефикасни бидејќи повеќето земји членки не успеаја да ги претворат препораките во конкретни акции и покрај неколкугодишните предлози од Европскатакомисија.
Извештајот на „Либертис“ е подготвен врз основа на докази од повеќе од 40 невладини организации од 22 земји. ми/сд/
фото: лого