• сабота, 23 ноември 2024

Либан разочаран од прошталниот говор на Бајден

Либан разочаран од прошталниот говор на Бајден

Бејрут, 25 септември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Либан Абдала Бу Хабиб изрази разочарување од изјавите на американскиот претседател Џо Бајден за ескалацијата на кризата меѓу Либан и Израел, но рече дека се надева оти Вашингтон сепак може да интервенира и да помогне.

„Не беше силно. Не е ветувачки и не би го решил овој проблем. Сè уште се надевам. Соединетите Американски Држави се единствената земја што навистина може да направи разлика на Блискиот Исток како и во поглед на Либан“, рече Хабиб, коментирајќи го прошталниот говор на Бајден во Обединетите нации.

Хабиб зборуваше за време на настан организиран од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.

„Се проценува дека половина милион луѓе се раселени во Либан“, рече тој, додавајќи дека либанскиот премиер се надева дека ќе се сретне со американски претставници во следните два дена.

Бу Хабиб посочи дека израелската влада не се залага сериозно за договорен крај на борбите и наместо тоа се стреми да победи на бојното поле.

Претходно во својот говор пред Генералното собрание, Бајден се обиде да ги смири тензиите во време кога има изгледи војната меѓу Израел и палестинската исламистичка организација Хамас, која трае речиси една година, да се прелее во Либан во борба против Хезболах.

„Сеопфатна војна не е во ничиј интерес. Дури и ако ситуацијата ескалирала, сепак е можно дипломатско решение“, изјави американскиот претседател на Генералното собрание со 193 земји-членки. Бајден доби аплауз кога ги повика Израел и Хамас да ги финализираат условите за договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците предложени од САД, Катар и Египет. паг/

 

 

Остани поврзан