• среда, 25 декември 2024

Либанскиот премиер ги осуди израелските „воени злосторства“ по убиството на медиумски работници

Либанскиот премиер ги осуди израелските „воени злосторства“ по убиството на медиумски работници

Бејрут, 25 октомври 2024 (МИА) – Либанскиот привремен премиер Наџиб Микати денеска го осуди наводниот израелски напад врз резиденцијата во која се сместени новинари во јужен Либан како „ново поглавје на воените злосторства“.

Тројца медиумски работници загинаа, а тројца се повредени во израелски воздушен напад во градот Хасбија, соопшти претходно либанското Министерство за здравство, пренесува ДПА.

По средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Лондон, Микати го обвини Израел дека намерно ги гаѓа претставниците на медиумите со цел да ги одврати новинарите да известуваат за неговата офанзива во јужен Либан против милицијата Хезболах што ја поддржува Иран.

Либанскиот министер за информации Зијад Макари во објава на Х рече дека 18 новинари биле присутни во резиденцијата кога била погодена.

Снимките од местото на настанот покажуваат уништена зграда и уништени автомобили, од кои некои биле означени како новинарски возила.

Проиранската телевизија „Ал Мајадин“ јави дека снимател и техничар поврзани со радиодифузерот биле убиени рано утрово во израелски напад врз резиденција во градот Хасбија.

Телевизијата Ал Манар, гласноговорник на Хезболах, јави дека нејзин снимател исто така бил убиен во нападот.

Шефот на Ал Мајадин, Гасан Бен Џеду, смета дека Израел е целосно одговорен за, како што рече, „воено злосторство“.

Засега нема коментар од Израел. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан