• четврток, 06 март 2025

Ле Риголер: Одлуката за гласањето на Северна Македонија за резолуциите во ОН беше неочекувана

Ле Риголер: Одлуката за гласањето на Северна Македонија за резолуциите во ОН беше неочекувана

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која што денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста што бара единствен европски одговор, изјави амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер.

Тој во изјава на новинарско прашање за тоа дали можеби позицонирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат, кажа дека одлуката на земјава во однос на гласањето за резолуциите за Украина во Обединетите нации била неочекувана.

-Навистина вие посочувате кон важна тема, за одлуката за гласање на Северна Македонија во Њујорк која што за нас беше неочекувана. Мислам дека треба да се концентрираме на темата која што е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк, за проектот за резолуција. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која што денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет, и јазик. Тоа е тема која што бара единствен европски одговор. Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децени за нас и нашите деца, рече абасадорот Ле Риголер на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентација на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.  

Претседателот на СДСМ Венко Филипче претходно денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.

-Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Прв пат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата, рече Филипче.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за денешните забелешки на лидерот на опизициската СДСМ Филипче, изјави дека Коалицијата на СДСМ и ДУИ, која изминатите седум години не бирала средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се себебогати на грбот на граѓаните има најмалку кредибилитет да зборуваат за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп. Тој потсети на обвинувањата од опозицијата дека се анти-НАТО и анти-Америка, односно оти се проруски, а според Мицкоски, сега им пречи што имаат исклучително добра соработка со новата администрација на претседателот Трамп.

- И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации, рече Мицкоски.

Тој појасни дека кога требало резолуцијата да се гласа во Генералното собрание биле поднесени неколку амандмани, најголемиот дел биле одбиени, а еден прифатен и тогаш предлагачот САД, го искористил правото и гласал воздржано. Македонската Влада, нагласи, била во целосна координација со САД и тие гласале воздржано. вг/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан