• петок, 05 декември 2025

Ле Пен има мала надеж за претседателска кандидура во 2027 година

Ле Пен има мала надеж за претседателска кандидура во 2027 година

Париз, 16 септември 2025 (МИА) - Лидерката на француската десничарска партија Национален собир (RN), Марин Ле Пен, денеска изјави дека „има мала надеж“ дека ќе се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година.

Во март годинава таа беше осудена на петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции поради обвинувања дека асистентите на пратениците од нејзината партија нелегално добивале пари од буџетот на Европскиот парламент, што претставувало злоупотреба на средства, пренесува BFMTV.

Таа за CNews и Europe 1 изјави дека има мала надеж дека ќе биде кандидат на претседателските избори во 2027 година се додека над главата и виси Дамоклов меч поради правните проблеми.

Откако во првостепената постапка беше осудена на петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции, Марин Ле Пен ќе мора да се појави пред Апелацискиот суд во Париз на судење што ќе се одржи од 13 јануари до 12 февруари 2026 година.

Националниот собир остро го критикуваше времето на судењето, стравувајќи дека тоа ќе се поклопи со кампањата за локалните избори што треба да се одржат во март.

„Откако се обидоа сериозно да ги нарушат претседателските избори, сега се обидуваат сериозно да ги нарушат и локалните избори. Мислам дека мешањето на судските власти почнува да биде проблематично“, рече оваа пратеничка од северна Франција.

„Ќе одам да ја бранам мојата невиност и да му објаснам на судот, надевајќи се дека нема да формираат мислење пред да имам можност да зборувам за што станува збор “, рече Ле Пен.

Парискиот суд ја осуди Марин Ле Пен на четири години затвор, од кои две години се условни, парична казна од 100.000 евра и петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции.

Заедно со 24 поранешни членови на Европскиот парламент, асистенти, сметководители, таа и нејзината крајно десничарска партија како правно лице беа осудени за воспоставување „систем“ помеѓу 2004 и 2016 година во кој вработените во партијата биле платени од буџетот на Европскиот парламент, што предизвика економска штета од вкупно 3,2 милиони евра.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан