• вторник, 24 декември 2024

Летонија ја продолжи забраната за влез на руски туристи до март 2025 година

Летонија ја продолжи забраната за влез на руски туристи до март 2025 година

Рига, 27 февруари 2024 (МИА) - Владата на Летонија денеска соопшти дека ја продолжила забраната за влез на руски државјани во балтичката земја до март 2025 година, наведувајќи ја како причина руската инвазија на Украина, за која тамошните власти велат дека „продолжува да претставува закана за внатрешната безбедност на Летонија“.

Во соопштението за печатот од кабинетот на премиерката Евика Силина, се наведува дека влезот на руски државјани во Европската Унија и Летонија како туристи ќе биде забранет до понатамошно известување, но на некои Руси ќе им биде дозволен влез, вклучително и оние со дозвола за престој, важечка во Летонија или во друга земја-членка на ЕУ или Руси чиј влез е поврзан со хуманитарни причини како што се политички неистомисленици.

Во септември 2022 година, Полска заедно со другите балтички земји - Естонија, Летонија и Литванија постигнаа заеднички договор за ограничување на бројот на руски државјани кои влегуваат во нивните земји за да се спречат евентуални безбедносни ризици по почетокот на војната во Украина.

Летонија, членка на ЕУ и НАТО што се граничи со Русија, е дом на значителен број припадници на етничкото руско малцинство, кое сочинува околу 25 отсто од вкупното население на земјата од 1,9 милиони жители. Балтичката земја порано беше популарно место за одмор, а нејзиниот главен град Рига, популарна викенд дестинација за руските туристи. ссм/

фото: архива

Остани поврзан