• сабота, 16 ноември 2024

Легализацијата на марихуаната во Германија веројатно во 2024 година

Легализацијата на марихуаната во Германија веројатно во 2024 година

Берлин, 14 ноември 2023 (МИА) – Легализацијата на канабисот во Германија, првично планирана за крајот на годината, најверојатно ќе биде одложена до 2024 година, изјавија денеска за ДПА официјални лица кои се запознаени со распоредот на парламентот.

Планот е законот да биде усвоен во Бундестагот, долниот дом на парламентот, меѓу 13 и 15 декември.

Потоа мора да се изјасни Бундесратот, горниот дом кој ги претставува 16-те германски покраини. Но, последната седница годинава е на 15 декември, поради што е малку веројатно дека нацрт-законот ќе биде разгледан оваа година.

Иако плановите не бараат експлицитно одобрение од Бундесратот, неговите претставници мора да имаат шанса да разговараат за нив како и за секој друг предлог-закон.

Следната седница на Бундесратот потоа ќе се одржи на 2 февруари 2024 година, по што законот би можел да стапи во сила. Како можен датум за почеток се споменува 1 април, велат за ДПА извори од тристраната коалиција на канцеларот Олаф Шолц.

Предлог-законот инициран од владата предвидува отстранување на канабисот од листата на забранети супстанции во Законот за наркотици.

За возрасни на возраст од 18 и повеќе години, дозволено е поседување до 25 грама. Приватно може да се одгледуваат најмногу три растенија.

Во клубовите за канабис, на членовите треба да им се дозволи колективно да го одгледуваат и да го дистрибуираат едни на други, со максимум 50 грама по член месечно.

За лицата на возраст од 18 до 21 година, ќе биде дозволено до 30 грама месечно со максимална содржина од 10 проценти тетрахидроканабинол (THC), супстанцијата со опојно дејство. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан