• среда, 25 декември 2024

Левица: Приватноста на македонските граѓани на тацна на власта

Левица: Приватноста на македонските граѓани на тацна на власта

Скопје, 8 октомври 2024

Приватноста на македонските граѓани веќе со години масовно и систематски се нарушува од страна на телекомуникациските оператори, кои од 2014 година со закон се обврзани да ги чуваат мета-податоците на граѓаните.

Се работи за податоци во врска со повици кои граѓаните ги прават, односно - со кого и колку пати разговарале, локацијата од каде се јавиле, каква содржина пребарувале на интернет, кому му праќале и од кого добивале пораки на ,,WhatsApp" и ,,Viber", какви социјални мрежи користеле и сл.

​​​​​​​Телекомуникациските оператори не само што прибираат и чуваат вакви податоци за граѓаните, туку и на барање на МВР, Обвинителството, УБК и други институции на власта, по закон, имаат обврска овие податоци да ги предадат.

За скандалозните членови 176, 177 и 178 од Законот за електронските комуникации, Уставниот суд неодамна оцени дека навлегуваат во правото на почитување на приватниот живот, неповредливост на комуникациите и правото на заштита на сигурноста и тајноста на личните податоци, кои се гарантирани со Уставот.

Особено проблематично е што ваквото задржување на податоците е неселективно и се однесува практично на целиот телефонски и интернет сообраќај на секој граѓанин. Уставниот суд го повика парламентарното мнозинство во најбрз можен рок да го ограничи правото на државните институции и операторите да навлегуваат во приватноста на граѓаните, преку подетално уредување на условите и роковите во кои треба да се чуваат и употребуваат мета-податоците на граѓаните.

Левица во својата програма се залага за воспоставување на строга контрола над квалитетот на електронските комуникации на приватните комуникациски, интернет и ТВ даватели на услуги, со цел заштита на граѓаните и нивните кориснички права, како и правото на приватност.
Согласно тоа, апелираме до владејачкото мнозинство, да се земе предвид апелот на Уставниот суд и во најскоро време да се отпочне процесот за измена на Законот за електронските комуникации.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

 

Остани поврзан