• вторник, 26 ноември 2024

„Левица“ поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието заради блокада на законот за бранители

„Левица“ поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието заради блокада на законот за бранители

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Политичката партија „Левица“ денеска поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши поради тоа што не ја исполнил својата деловничка обврска во врска со законот за бранители.  

Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што Гаши несовесно постапил во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност. 

- Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната Комисија реши да не свикува сеница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на Комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка односно согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба да ја свика Комисијата и да значи член кој ќе ја води седницата на таа Комисија. Претседателот на Собранието уште пред 10 дена на 16 септември во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница за законот за бранители и до денес таква седница не е свикана, посочи Јанчев. 

Изјавата на претседателот на Собранието дека со тоа што претседателката на Комисијата свикала седница во рамки на роковите, му се одзема правото да интервенира и да назначува друг член да ја води седницата, според Јанчев  екстензивно толкување со цел законот за бранители никогаш да не биде ставен на дневен ред. 

- Деловникот е јасен - откако ќе поминат 24 часа, ако претседателот на Комисјата не одржи седница по одреден закон, претседателот на Собранието назначува друг член кој ќе ја одржи таа седница. Ова е екстензивно толкување со цел законот никогаш да не дојде на дневен ред, рече Јанчев.  

Законот за бранители е предложен од пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Законот ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.

- Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања - тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник, изјави Гаши на 16 септември во телевизиско гостување на Канал 5. бак/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан