• петок, 05 декември 2025

Левица: Надзорна расправа за трагедијата во Кочани ќе има

Левица: Надзорна расправа за трагедијата во Кочани ќе има

Скопје, 19 јуни 2025 

Пратеничката Јована Мојсоска од Левица во денешното гостување на ТВ 24 во емисијата „Студио 10“ цитирајќи ги членовите од Деловникот на Собранието појасни дека нема никакви деловнички прекршувања и дека третиот обид на Левица за Надзорна расправа за трагедијата во Кочани беше конечно успешен, а обидот за блокада на пратениците од власта – неуспешен:

„Надзорна расправа за трагедијата во Кочани не требаше да се случи со барање на 15 пратеници или по Иницијатива на Левица, туку 120 пратеници требаше да застанат зад ова, бидејќи е од јавен интерес ниту еден да не биде амнестиран – дали од оваа или од претходната власт.“ – кажа Мојсоска со жалење што останатите парламентарни партии веќе подолго време немале слух за ова прашање и дополни дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има тенденција да ја замре темата за Кочани бидејќи е евидентно дека нивни функционери или блиски имале удел во трагедијата.

„Сѐ уште има неодговорени прашања околу трагедијата, истрагата, водењето на постапката, како и здравствениот систем“ – посочи таа по однос на нужноста за одржување на надзорна расправа.

„Помеѓу полициските службеници од последното апсење е и сменоводителот во ОВР Кочани, а два месеци наназад, на Интерпелацијата за министерот Тошковски, кога истакнав дека е амнестиран од одговорност сменоводителот во чија смена рацијата пристигнала предоцна, после два часа – министерот Тошковски тогаш манипулативно, со етикети го изврти моето обраќање и се обиде да спинува дека ние цела полиција ја етикетираме дека е корумпирана“ – потсети пратеничката Мојсоска.

„Левица уште месец-дена претходно, пред апсењето, алармираше дека агенцијата за обезбедување, „Рубикон“ имала директни контакти со ВМРО-ДПМНЕ. Приведениот Нацев имаше слики од „Рубикон“ на неговиот Фејсбук профил кој веднаш ги избриша. Премиерот велеше дека нема никаква поврзаност со агенцијата и ќе си даде оставка ако има било каква поврзаност. Има многу прашања кои институциите допрва треба да ги одговорат. Мора трагедијата да се расветли за никогаш повторно да не се случи“ – истакна Мојсоска.

„Еден од изговорите на власта беше дека треба да има надзорна расправа не само за Кочани, туку и за „Беса транс“ и за „Дурмо турс“, и апсолутно, пратениците од Левица ќе се потпишат и ќе поддржат таква надзорна расправа. Затоа што, на крајот на денот, ние говориме за изгубени човечки животи кои можеле да бидат спасени. Ниту еден политички пораз не може да е поголем од она што на нас ни е случи на 16 март“ – заклучи пратеничката од редовите на Левица.

ПП Левица 

_______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: МИА архива 

Остани поврзан