• четврток, 30 јануари 2025

Лами и Рубио телефонски разговараа за безбедносната соработка

Лами и Рубио телефонски разговараа за безбедносната соработка

Лондон, 28 јануари 2025 (МИА) - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами телефонски разговарал со неговиот нов американски колега Марко Рубио при што истакнал дека Велика Британија и САД „работат заедно“ за да ја зајакнат безбедноста на луѓето од двете земји.

Лами соопшти дека тој и Рубио, првиот член на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп кој беше потврден минатата недела, разговарале за низа прашања, вклучително и индо-пацифичкиот регион, Украина и Блискиот исток.

- Велика Британија и САД работат заедно за да обезбедат поголема безбедност и просперитет за сите наши граѓани. Со нетрпение очекувам наскоро да се сретнеме и дополнително да ги зајакнеме британско-американските врски, напиша британскиот министер на Х.

Во соопштение на Форин Офисот се вели дека двајцата дипломати разговарале и за нивните заеднички карипски корени. Семејството на Лами е од Гвајана, а на Рубио од Куба.

Портпаролката на Стејт департментот Тами Брус рече дека двајцата дипломати разговарале за „голем број неодложни прашања од меѓународната агенда“.

- Тие ја потврдија длабочината на специјалните односи меѓу Велика Британија и САД и клучната природа на партнерството во решавањето на прашања како што се конфликтот на Блискиот Исток, руската војна против Украина и лошото влијание на Кина, рече таа, додавајќи дека тие ја изразиле својата поддршка за продолжување на заедничките иницијативи како што е партнерството АУКУС за гарантирање мир и безбедност во Индо-пацифичкиот регион. јт/

 

Остани поврзан