Лабудовиќ: Центар добива нов лик – вистински почеток на ред, безбедност и паметна мобилност
- Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, најави серија конкретни проекти со кои ќе се стави крај на долгогодишниот сообраќаен хаос и ќе започне ново поглавје во урбаното уредување на општината, се вели во денешното соопштението од ЗНАМ, што МИА го објавува интегрално.
10 октомври 2025
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, најави серија конкретни проекти со кои ќе се стави крај на долгогодишниот сообраќаен хаос и ќе започне ново поглавје во урбаното уредување на општината, се вели во денешното соопштението од ЗНАМ, што МИА го објавува интегрално.
„Секојдневниот метеж, хаосот на улиците и борбата за паркинг станаа симбол на Центар. Пешаците немаат каде да поминат, велосипедистите се борат за простор, а возачите се движат низ преполни улици без ред. Време е да се стави крај на тоа. Време е Центар повторно да дише,“ изјави Лабудовиќ.
Во фокусот на проектите се реконструкцијата и целосното преуредување на клучните улици во населбата Буњаковец – Христо Смирненски, 9 Мај и 20 Октомври. Со нов асфалт, модерни тротоари, повеќе зеленило и урбана опрема, овие улици ќе го добијат изгледот што го заслужуваат, а граѓаните – безбедно и удобно место за живеење.
Паралелно, се воведува резидентен и комерцијален паркинг систем што ќе им даде приоритет на жителите, но и ќе донесе ред во паркирањето на центарските улици. Преку нови правила, ред и дигитални решенија, ќе се елиминираат хаотичните сцени со возила на тротоари, тревници и премини.
Како дел од концептот за паметна мобилност, ќе биде воведен смарт-паркинг систем со дигитална контрола, апликација и фер наплата, што ќе им овозможи на граѓаните во секој момент да видат каде има слободни паркинг-места и да го планираат движењето без непотребно губење време и нерви.
Посебен акцент е ставен на изградбата на катна гаража во Буњаковец, како и на други локации во Центар, што ќе овозможи растоварување на улиците и конечно ќе се воспостави ред во паркирањето.
„Ова не се празни ветувања, туку реален и издржан план што ќе го промени секојдневието на граѓаните. Центар мора да стане општина на функционални улици, безбедни пешаци и достапен јавен простор. Време е да ја вратиме современата слика на Центар – општина што дише, се движи и живее по нови правила,“ порача Лабудовиќ.
Со овие проекти, Центар конечно се движи кон модел на европска општина – уредена, безбедна и хумана, во која граѓаните се во центарот на вниманието, а секој чекор, секој метар улица и секое паркинг-место ќе значи повеќе ред, мир и квалитетен живот.
ЗНАМ за наша Македонија
фото: ЗНАМ за наша Македонија