• понеделник, 23 декември 2024

Џем сешн во Лабораториум - катче за експериментални сесии за младите музичари во Скопје

Џем сешн во Лабораториум - катче за експериментални сесии за младите музичари во Скопје

Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) - Секоја среда во 21.00 часот во културно - едукативниот центар Лабораториум се одржува активноста Jam session која трае до полноќ. Се мести стандарден сетап: гитара, бас гитара, тапани и синтисајзер и секој вљубеник може да дојде и да свири на овие инструменти, или пак може да си донесе свои. Тука и публиката игра важна улога: некому е првпат на сцената, и публиката ги охрабрува и кога се толку добри што музиката која ја креираат е нова и нема да ја најдeте на Shazam, но и кога заради трема, нема да тргне од прва. Сите тие луѓе се таму за музичарите на сцена да успеат, активноста е бесплатна, нема никакви обврски за учесниците и секој љубител на овој тип музика е добредојден. 

Во Лабораториум утре ќе се одржи 35та Jam сесија. Како што посочуваат од тимот на Лаборатоирум, започнале со активноста во февруари оваа година, а интересот за оваа активност е она што ги мотивира да продолжат да ја негуваат.

Замислата за џемот потекнува од една креативна личност, член на тимот на Лаб која не е музичар. Тоа е убавината на овој центар: слободата за креирање е дадена со поддршка од сите. Успеале да го реализираат тоа што првобитно го замислиле: да има четири различни типови на Џем секој месец.

-Првиот да биде бенд со авторска музика, и да имаат прилика младите и новите да свират со искусни музичари. Вториот Џем да биде со бенд без извадена авторска музика, што е во фаза на учење и да имаат прилика да се испробаат како е да се има концерт, како да се однесуваат при настап пред публика. Третиот тип на Џем би бил поаматерски, каде се дава можност на некој од редовните џемери да го водат и да си прават какви и да сакаат активности, додека четвртиот се вика „Зрели селектирани плодови“. Четвртиот Џем е затворена сцена на која свират музичари кои се  избрани и кои ги покануваме да свират цела вечер импровизирана музика, појаснува креаторката на Џемот. 

Без разлика дали се етаблирани или сеуште се градат, од Лабораториум велат дека оваа сесија на импровизации е наменета за музичари.

-Доаѓаат да се изразат себеси на нов и експериментален начин, воедно да се сретнат и со други музичари и преку фузија на нивните различности да направат кохезија. Свират, се наоѓаат едни со други и веќе од досегашните сесии се формираа три бенда: „Еритра“, „Калиба“ и третиот сеуште нема име бидејќи им недостасува тапанар. Ќе формираат име кога ќе се комплетираат.

Многу често, се посочува, гостите си носат и свои инструменти, си ги поставуваат и учествуваат во сесијата.

-Доста често се случува да донесат инструмент што го немаме тука, како кларинет, или процесор машина, кое наоѓаат свое место во оваа хаотична фузија, која тие ја претвораат во нешто ново и возбудливо кое неретко ја крева публиката на нозе. Ова почна една среда во февруари каде што учествуваа тројца и сесијата траеше многу кратко, бидејќи се случи многу спонтано, но остави силни импресии врз сите нас. По неколку месеци младите музичари потполнo си ја превземаа активноста и сите сме горди што џем сесијата е сега нивна, ние само ја подготвуваме бината и потоа сме само гости на настанот, вели тимот на Лабораториум. 

Дека сесијата е привлечна за сите генерации е доказ и професорот Небојша Вилиќ. На првата сесија бил само набљудувач, но откако на следните се појавиле многу музичари кои сакале да свират во исто време, се вклучил да помогне. Како што велат и самите организатори, кај нас отворена бина е сепак новитет, а сесијата е исклучиво тимски спорт.

-Во обидот да развие култура кај младите луѓе за отворена бина и вклучување во импровизациска сесија, професорот ни направи флаери со правила за Jam session кои сам ги испечати и ни ги подели на секоја маса, и тоа многу помогна, вели тимот на Лабораториум. 

Успешна џем сесија, според организаторите, е добра музика за слушање, задоволни музичари на сцена, публика која ужива во импровизациите.

-Публиката е многу важен дел од овие сесии, бидејќи ги охрабруваат музичарите да се вклучат. Многу ни е мило кога вибрирачката енергија од бината ќе ги крене на нозе и тие да се приклучат, но убава глетка е и кога си уживаат во Џем коктели, и вниманието им е свртено на музичарите. Се случува еден вид мал, спонтан, импровизиран и заради тоа неповторлив концерт, велат од тимот на Лабораториум. 

Музичарите кои настапуваат се во центарот на вниманието секоја среда. Еден од нив е и Филип Нешкоски, инструктор по снукер во Скопје, кој по првото искуство веќе станал редовен учесник. На прашањето што го привлекува кон сесијата, Нешкоски вели предизвикот, нема тонска проба, нема подготовки, се е експеримент и импровизација и заради тоа енергијата е многу различна. Се креира сосема нова музика, не се свират кавери, не е дека се забранети, но, вели, не е тоа поентата. Најчесто учествува со гитара или е на миксетата или со бас гитара, и смета дека е магично да ги наместиш сите сетинзи соодветно во импровизациска сесија.

-Единствен договор е во која скала почнуваме, и вообичаено гитаристите сме тие што почнуваме за да дадеме некој ритам. Ќе се приклучи тапанарот и басот и од тука натаму веќе никој не знае што ќе излезе. Тоа е тоа што сите кои доаѓаме тука не изградува како музичари, вели Нешкоски. 

Ваквата атмосфера влијае многу мотивирачки врз публиката. Професорот по историја на уметност и визуелна култура Небојша Вилиќ вели дека излегува исклучително само во среда навечер и доаѓа на овие импровизациски сесии.

-Доаѓам тука бидејќи на ниедно друго место нема волку многу креативна и позитивна енергија. Не знам дали тоа се должи на возраста на музичарите, бидејќи мнозинството се помлади, или е отворената сцена која претставува место на ослободување. Јас не можам да ги заборавам деновите во некогашниот „Дом на млади“ кога имавме секој понеделник вакви експериментални сесии, кога секој што знаеше и што не знаеше да свири доаѓаше во салата на домот. Ова тука вечерва е нешто што се случува повторно по 40 години, кое дефинитивно треба да се негува да опстои и понатаму. Младите музичари доаѓаат се запознаваат, свират заедно и некогаш самите се здружуваат во бенд, и такви има неколку, но и само еден да беше ќе беше доволна оправданост да постои оваа активност во Скопје. Дури и мене ме инспираа да почнам со часови по гитара за да им се приклучам на сцената, вели Вилиќ.  

Настанов привлекува и волонтери кои помагаат да се реализира, во моментов има 11. Доколку некој има интерес и сака да се приклучи на тимот волонтери, да испрати меил на contact@laboratorium.mk, повикуваат од тимот на Лабораториум.

Културниот центар Лабораториум се стреми да помогне културата да биде бесплатна и достапна секому. Џем сешн сесиите се само една од нивните активности од сегментот на културата и едукацијата на кои работат се цел овозможување на достапност на културата секому, бидејќи, велат, само така можеме да го подобриме квалитетот на животот во заедницата во која живееме. вг/са/

Фото: Лабораториум

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан