• петок, 22 ноември 2024

Курти: Праведната војна на ОВК и бомбардирањето на НАТО го ослободија Косово

Курти: Праведната војна на ОВК и бомбардирањето на НАТО го ослободија Косово

Приштина, 24 март 2024 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти, на 25-годишнината од воздушните напади на НАТО врз поранешна СР Југославија, изјави дека праведната војна на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и воената интервенција на Северноатлантската алиијанса го ослободија Косово од инвазијата на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти вечерва на неговата официјална страница на Фејсбук напиша дека бомбардирањето на тогашна Југославија „го оневозможи спроведувањето на геноцидниот проект на Србија за истребување на Албанците“.

Според Курти, без сојузниците и пријателите, Косово немаше да биде ослободено во тоа време.

- Без сојузниците и пријателите немаше да бидеме ослободени во тоа време. Со сојузниците и пријателите одиме напред континуирано. Во текот на овие 25 години, косовскиот народ и косовската држава ги продлабочија, проширија и интензивираа добрите односи и силните врски со американскиот народ и со Соединетите Американски Држави, со европските народи и со Европската унија. Така ќе продолжиме и во иднина, бидејќи споделуваме исти вредности и интереси и затоа што имаме заеднички политички и геостратешки визии и цели, напиша Курти.

Косовскиот премиер вели дека Косово, „природно и неминовно“ треба да стане дел од НАТО.

- Бомбардирањето на НАТО врз Југославија од 24 март до 10 јуни 1999 година го направи Косово посебно и многу важно поглавје во историјата на НАТО. Затоа, природно и неминовно, и Косово треба да стане активен учесник во историјата на НАТО, станувајќи членка на оваа алијанса. Ова е стремежот на Република Косово што мора да се реализира: што побрзо, дотолку подобро, порача Курти. иа/
 

 
 

 

 

Остани поврзан