• петок, 20 декември 2024

Купер: Србија затвора врата за членство во ЕУ со противењето Охридскиот договор да биде дел од поглавје 35

Купер: Србија затвора врата за членство во ЕУ со противењето Охридскиот договор да биде дел од поглавје 35

Белград, 7 декември 2023 (МИА) - Со противењето на Охридскиот договор и неговиот анекс да станат дел од преговарачкото поглавје 35 за влез во ЕУ, Србија ја затвора вратата за членство во Европската унија, изјави поранешниот посредник во техничкиот дијалог меѓу Косово и Србија во 2011-2012, Роберт Купер, јави дописникот на МИА од Белград.

Со ваквиот став, пензионираниот британски дипломат реагираше на тврдењето на српскиот претседател Александар Вучиќ дека вклучувањето на документите договорени од Косово и Србија во првата половина на 2023 година во преговарачката рамка би значело дека ЕУ ја затвора вратата за Србија.

-ЕУ не сака да биде дел од проблемот, туку да го реши. Нејзината мисија е сите членки да имаат некакви, не нормални, туку супернормални односи со своите соседи, кажа Купер за Гласот на Америка.

Поглавјето 35 во пристапните преговори на Србија ги вклучува и односите со соседите, односно регулирањето на односите со Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, потсетува Гласот на Америка.

-Идејата за внесување на Србија во ЕУ, а истовремено одбивањето да ја признае независноста на својот сосед и да ја прифати како посебна држава - не е во суштината на Унијата. Тоа би ги зајакнало поделбите меѓу Србија и Косово. Она што ние го сакаме тие поделби да исчезнат, рече Купер.

На самитот на европските лидери на крајот на следната недела, Европскиот совет треба да ги објави своите заклучоци за проширувањето - документ кој ги вклучува Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Молдавија и Гузија.

Во нацртот до кој имаше пристап „Гласот на Америка“ се препорачува Охридскиот договор и неговиот анекс со кој се дефинирани чекорите на патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, да бидат вклучени во очекувањата и обврските на двете страни.

-Очигледно е дека тука доминира чувството на итност. Никој веќе не памети кога двете страни постигнаа некој значителен исчекор во разговорите, кажа Купер и потсети на претстојните избори за Европскиот парламент, кои ќе се одржат во јуни 2024 година.об/сд/

Остани поврзан