• сабота, 23 ноември 2024

Кунгуловски: Најдобрата вакцина е онаа која прва ќе ни стане достапна

Кунгуловски: Најдобрата вакцина е онаа која прва ќе ни стане достапна
Скопје, 11 мај 2021 (МИА) - Единствен спас во пандемијата е создавањето на колективен имунитет, што можеме да го добиеме преку вакцинирање. Во моментов, ефикасноста на вакцините е сигурно над 95 отсто. Ниту една вакцина не предизвикува болест, а најдобрата вакцина е онаа која прва ќе ни стане достапна. Ова го посочи д-р Горан Кунгуловски, доктор на науки по геномика и молекуларна епигеномика на денешната онлајн конференција „Информирај се! твое право, твоја сигурност!“ организирана од Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на Швајцарскиот Црвен крст. Докторот Кунгуловски напомена дека без разлика за која вакцина станува збор, ниту една вакцина не предизвикува болест, само се намалува имунолошкиот систем да реагира и да мисли дека станува збор за вирус. Ефикасноста на вакцините, смета тој, треба да се гледа во тоа колку тие се ефикасни за да спречат смртен исход. -Овој вирус предизвикува релативно висок процент на смртен исход и на хоспитализација. Ефикасноста на вакцините да ја разбереме како ефикасност кон смртен исход. Таа борјка во моментов е сигурно над 95 отсто, или околу 100 отсто, за некои вакцини. Затоа велам дека најдобрата вакцина е онаа вакцина која прва ќе ни стане достапна, рече Кунгуловски. Во однос на тоа дали овие вакцини се ефикасни за новите соеви на вирусот, д-р Кунгуловски рече дека тие во моментов имаат благо намалена ефикасност, но како што појасни, доколку се заразиме со еден од новите соеви, многу е веројатно дека симптоматологијата ќе ни биде блага. Токму во тоа, вели Кунгуловски, е поентата на вакцините. - Моментално и овие вакцини кои ги имаме, ја вршат својата работа, барем да ја надминеме првата етапа на пандемијата, па понатаму само ќе треба да влеземе во една фаза во која ги контролираме бројките и за неколку години да се обидеме целосно да ја сузбиеме оваа пандемија. Имаат некаков ефект и на новите соеви, на пример имаат повисок ефект на британскиот сој, понизок на бразилскиот сој, но имаат некаков ефект, и кога повторно би се заразиле и доколку сте вакцинирани, симптоматологија најверојатно ќе биде многу поблага, рече д-р Кунгуловски. Позитивен аспект кај овие мутации, според докторот, е што кај многу соеви во многу географски локации во светот, се појавуваат истите мутации. Вирусот, како што рече, нема каде да оди и нема веќе толку голема способност да евалуира. Доколку успееме да го намалиме ширењето на вирусот преку вакцинирање и со стекнување на колективен имунитет, според д-р Кунгуловски, ќе останеме само на овие мутации. На прашање дали некоја од вакцините предизвикува стерилитет, д-р Кунгуловски рече дека апсолутно нема никаква поврзаност на вакцините со стерилитет или со неплодност. -Не знам од каде доаѓаат овие дезинформации за стерилитет и неплодност, најверојатно од луѓе кои имаат премногу време и се на интернет и гледаат некорисни информации или имаат некоја агенда, појасни д-р Кунгуловски. бт/бак/

Остани поврзан