• четврток, 13 февруари 2025

Кумановци од денеска можат да аплицираат за субвенции за набавка на клими

Кумановци од денеска можат да аплицираат за субвенции за набавка на клими

Куманово, 10 февруари 2025 (МИА) - Кумановци од денеска можат да поднесат апликација за субвенции за клими, информираа денеска од општината. Мерката како што појаснија надлежните е еколошка и има за цел да ги поттикне граѓаните да го променат начинот на затоплување на домовите.

- Мерката има за цел да ги стимулира жителите на Општина Куманово (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, на жителите кои имаат купено високоефикасен инвертер клима-уред во 2025 година ќе им ги надомести трошоците направени при набавка на уредот во вредност од 20.000,00 денари во нето износ по домаќинство. Персоналниот данок ќе биде на товар на Општина Куманово, информираа од општината.

Формално, рокот е до 30 октомври годинава, но доколку бидат исцрпени средствата од буџетот, општината ќе ги информира граѓаните. Од општинскиот буџет одвоени се два милиони денари. Субвенциите ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

На повикот можат да учествуваат оние кои ќе инсталираат клима-уред од 1 јануари до 30 октомври, претходно требале да се затоплуваат на огревни дрва за што треба да се достави доказ.

Градоначалникот ќе формира комисија која ќе одлучи кој ќе ги добие субвенциите. ам/са/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан