• сабота, 28 декември 2024

Кумановскиот градоначалник Димитриевски ќе го врати орденот на Каракачанов

Кумановскиот градоначалник Димитриевски ќе го врати орденот на Каракачанов
Куманово, 26 октомври 2020 (МИА) - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе го врати орденот што го добил од министерот за одбрана од Р. Бугарија,  Красимир Каракачанов заедно со протестно писмо поради, како што објави на социјалните мрежи, изјавите кои не водат кон добри меѓусоседски односи. Димитриевски во објавата на неговиот профил на фејсбук пишува дека орденот го добил пред две години, по повод 100 годишнината од Првата Светска Војна. - Овој орден ми го врачија по повод заедничкото чествување на 22.10.2017 година на битката на Страцин каде во октомври 1944 година партизанските единици од НОБ, кумановската дивизија и бугарската армија водат борби со германските војски кои ја штитеа одстапницата на германската Е Армија во овој дел на Македонија, датум и жртви вредни за заедничко чествување и почит. Ако разговараме за помирување и смирување на односите, заедничко чествување на настани кои не обединуваат како народи недозволиво е во 21 век да има претставници во Влада на земја членка на ЕУ со изјави кои се со заканувачки и омаловажувачки карактер по националниот идентитет на соседите, напиша Димитриевски. Тој вели дека нема да се дозволи да се поминат црвените национални линии, дека никој нема право да го оспорува идентитетот и дека Владата и премиерот покажале како се води добра меѓусоседска политика, дека се носат решенија и одлуки. - Нема да дозволиме да се поминат црвените национални граници, особено кога тука, по однос на ова прашање имаме национален консензус и поддршка од сите етнички заедници. Никој нема право да го оспорува нашиот идентитет и наместо да се гледаме во историјата, потребно е да се насочиме кон иднината. Оваа Влада покажа дека води политика на меѓусоседски односи кои промовираат европска политика, напредни сфаќања и просперитет. Сигурен сум дека премиерот знае како да се справи со секоја ситуација, досега покажа дека знае да биде трпелив и да покаже дека со вистински решенија доаѓаат вистински одлуки. Не се сомневам дека и во овој случај тоа ќе биде така, пишува Димитриевски. Тој нагласува дека ова е негов личен став и е насочен исклучиво, како што вели, кон популизмот на бугарскиот министер за одбрана, не и кон одбранбените сили, ниту бугарскиот народ, укажувајќи дека македонскиот и бугарскиот народ се братски народи. - Напоменувам, мојот гест е личен и директно насочен кон популизмот и двојниот пристап на г-дин Каракачанов, ниту во еден момент не е насочен кон граѓаните на Република Бугарија или пак кон нејзините одбранбени сили кои ги сметам за пријателски и братски народ на македонскиот,  заклучува Димитриевски. ам/цр

Остани поврзан