Кумановската подружница на „Национални шуми“, годинава ќе пошумува во липковско и на Козјак
- Кумановската подружница на „Национални шуми“ и годинава ќе продолжи со пошумување на површините во козјачијата и липковско, информираа денеска надлежните од претпријатието. Пошумувањето ќе опфати поголеми површини по педесетина хектари, во Липково и во Козјак.

Куманово, 19 февруари 2025 (МИА) - Кумановската подружница на „Национални шуми“ и годинава ќе продолжи со пошумување на површините во козјачијата и липковско, информираа денеска надлежните од претпријатието. Пошумувањето ќе опфати поголеми површини по педесетина хектари, во Липково и во Козјак.
- Планираме повторно пошумување на опожарени површини, во регионот во Козјак околу 50 хектари. Планирано е и пошумување во општина Липково околу езерото кое ќе се спроведе преку проект. Се надеваме дека веќе нема да има пожари кои ја уништуваат шумата и целосно ќе посветиме внимание на пошумувањето, изјави раководител-директор на подружницата, Катица Станковска Ристовска.
На Кокино лани се пошумување на претходно опожарената површина околу 50-тина хектари. Во акциите учествуваа граѓани, општествено одговорни компании.
- Ќе треба да се направи и опсервација на терен. Ланските садници добро напредуваат. Ние како претпријатие го преферираме есенското пошумување затоа што тогаш има влажност на почвата и процентот на прифаќање на садници е поголем. Пролетните садници може да ги фати и суша во летото. Очекуваме и годинава интерес од граѓански организации, компании за пошумување кои претходно треба да се обратат во претпријатието, изјави Станковска Ристовска.
Како што појаснуваат надлежните од кумановската подружница, за да се пошуми површина која била опожарена мора да поминат две години.
Кумановската подружница ќе инвестира и во самиот расадник, планирано е неколкукратно зголемување на бројот на произведени садници од сегашни 200.000 на милион, садници кои се карактеристични за македонското поднебје.
- Моментално трае тендерска постапка за огревно дрво. По завршувањето ќе се знае со која количина располагаме, дополнително ќе бидат известени граѓаните. Ќе можат сите да се пријават, граѓани, пензионери, синдикати, изјави Станковска Ристовска. ам/са
Фото МИА