• сабота, 23 ноември 2024

Кумановската општа болница веќе трета година се затоплува на гас

Кумановската општа болница веќе трета година се затоплува на гас

Куманово, 3 јануари 2024 (МИА) - Кумановската општа болница се затоплува на гас и не е загадувач, информираа денеска надлежните по објавите на дел од медиумите и невладините организации. Од болницата велат дека веќе трета година се затоплуваат на гас.

 - Точно е дека болницата се затоплуваше на мазут, меѓутоа откако целосно беше завршена гасификацијата на установата и откако поминаа редовните контроли, пуштена е во употреба и веќе трета година се затоплуваме на гас. За ова прашање нè контактираа од Министерството за животна средина и просторно планирање на кое му приложивме и фактури кои ги исплаќаме на ЈП „Куманово гас“, изјави директорката на болницата, Биљана Ивановска.

Таа вели дека како установа се грижат за здравјето на граѓаните од Куманово и од североистокот, дека нивен интерес е да има што помалку болни од респираторни заболувања.

- Наш интерес е општото здравје на популацијата и ќе настојуваме да го почитуваме на секој можен начин, особено кога е во прашање загадувањето и последиците по здравјето, вели Ивановска.

Општата болница Куманово е една од најголемите во државата. Покрај централната зграда има и повеќе оддели каде се сместени различни одделенија.

 - Набавката на гас се спроведува преку тендер. За грејната сезона 2023/2024 предвидени се осум милиони денари. Задоволни сме од топлината и пациентите и вработените. Меѓутоа исто се користи рестриктивно со оглед на високите фактури. Во одредени објекти греењето се надополнува со електрична енергија односно со клима уреди, изјави Ивановска.

Болницата почна да се загрева на гас кон крајот на декември 2021 кога завршија неопходните инфраструктурни зафати, проектот за изградба на комплетно нова дистрибутивна гасоводна мрежа, нова гасна котларница, поставување на гасна опрема и изградба на приклучна делница од дистрибутивната гасоводна мрежа. За гасификацијата средства одвои Министерството за здравство. Во кругот на болницата е поставена и мерна станица која во минатото регистрираше екстремно загадување од загревањето со мазут. Интенција на локалната и централната власт беше приклучок на здравствената установа на гас како еколошки енергенс. Овој проект беше исклучително важен за кумановци, за намалување на аерозагадувањето. ам/сан/

Фото: МИА архива

Остани поврзан