Куманово ја продлабочува соработката со Тирол: нови возила, обуки и јакнење на противпожарниот систем
- Продолжува соработката помеѓу Општина Куманово, територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и партнерите од Тирол, Австрија, информираа денеска од Општина Куманово. Петмина претставници од ТППЕ Куманово и волонтери во моментов следат обука во Австрија за функционирање на возила.
Куманово, 12 декември 2025 (МИА) - Продолжува соработката помеѓу Општина Куманово, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово и партнерите од Тирол, Австрија, информираа денеска од општината. Петмина претставници на ТППЕ Куманово и волонтери во моментов следат стручна обука во Австрија за функционирање и управување со противпожарни возила, при што се запознаваат и со австрискиот противпожарен систем.
Од општината додаваат дека Куманово ќе добие две противпожарни возила, од кои едното ќе се користи за потребите на ТППЕ Куманово, а второто возило ќе го користи доброволното противпожарно друштво. Новата опрема има за цел значително да ги зајакне капацитетите за интервенција на терен.

Претходно Куманово преку донација доби современо возило со корпа и хидраулична скала од 32 метри, што ги проширува можностите за брза и ефикасна интервенција, особено во висококатници и ситуации кои бараат спасување на големи височини. Овој тип опрема досега недостигаше во најголемата општина во државата.
Донацијата од Тирол е продолжение на соработка, која вклучуваше претходни студиски посети, адаптација на гаражниот простор на ТППЕ Куманово и повеќе форми на техничка поддршка. Паралелно со техничкото зајакнување, проектот ја истакнува и важноста на волонтеризмот. Во градот веќе функционира доброволно противпожарно друштво, а бројот на активни членови расте. Стратегиската цел е воспоставување вакви друштва и во руралните населби, за да се обезбеди брза реакција на терен и да се подобри заштитата на населението во подалечните региони. За нив се предвидуваат и теренски возила, што ќе придонесе кон поголема покриеност и подобра координација при интервенции.
ТППЕ Куманово најавува исполнување на сите потребни услови за понатамошно јакнење на системот, од формирање нови доброволни единици, до технички санации и опремување. ам/дма/
Фото: МИА и Општина Куманово