• среда, 20 ноември 2024

Кулеба и Фидан разговараа за извозот на украински житарки на светските пазари

Кулеба и Фидан разговараа за извозот на украински житарки на светските пазари

Берлин, 2 ноември 2023 (МИА) – Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска во Берлин се сретна со неговиот турски колега Хакан Фидан со кого разговараше за извозот на украински житарки на светските пазари.

- Додека бев во Берлин се сретнав со мојот турски колега Хакан Фидан. Се фокусиравме на безбедносната ситуација во регионот на Црното Море и украинскиот извоз на жито на светските пазари. Разговаравме и за случувањата на Блискиот Исток, напиша Кулеба на својот профил на мрежата Х.

Украина претходно го прекина транспортот преку коридорот за извоз на жито во Црното Море, поради потенцијални закани од руските воени авиони и морски мини.

Украинските власти одбија да коментираат за ова прашање, а фјучерсите на пченицата на берзата во Чикаго реагираа на оваа вест со благо зголемување на цените.

Украина во август отвори „хуманитарен коридор“ за бродовите со жито што пловат за африканските и азиските пазари во обид да ја заобиколат руската блокада на Црното Море.

Украина преку овој коридор од август извезла околу 700.000 тони жито.

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека Фидан, денеска во Берлин имал средби со неговата германска колешка Аналена Бербок и со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

Средбите се реализирани на маргините на министерската конференција за проширување и реформи на Европската Унија (ЕУ) во Германија, се вели во соопштението.

На Конференцијата присуствуваат министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ и земјите кандидати. јт/

Фото: Анадолија

Остани поврзан