Крстевски: Чекор по чекор до успех во претквалификациите за ЕП 2025
- Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Бојан Крстевски, ги искажа своите очекувања за претстојните натпревари од претквалификаците за Евробаскет 2025.
Скопје, 9 август 2022 (МИА) – Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Бојан Крстевски, ги искажа своите очекувања за претстојните натпревари од претквалификаците за Евробаскет 2025.
Црвено-жолтите ќе се сретнат со Данска и со Словачка во августовскиот прозорец.
- Пред сè, имаме некои дваесетина дена, од кои седум во Маврово, добро да се подготвиме и да влеземе во натпреварувачки ритам. Екипата сега е малку повеќе комплетна во однос на претходно, имаме и нов селектор со кого добро се познаваме. Ни претстои и еден контролен меч со Црна Гора, кој ќе биде најава за двата претквалификациски дуели, вели Крстевски за сајтот на КФСМ.
Покрај Данска и Словачка противник на Македонците во групата „Д“ ќе биде и селекцијата на Норвешка.
- Се надевам дека ќе ги минеме овие претквалификации. Словачка ни е добро позната, во неколку наврати имаме играно и имаме позитивен скор, се надевам дека така и ќе продолжи. Данска и Норвешка можеби не звучат атрактивно, но не може да се потценат, затоа што денес сите играат кошарка. Одиме чекор по чекор и се надевам на позитивен исход. Секој играч ни е добредојден за овие предизвици, истакна Крстевски.
Македонскиот национален тим на 25 август гостува во Нествед кај Данска, додека три дена подоцна, на 28 август, во Скопје, ја пречекува Словачка. зс/