Кривични пријави против пет опозиционери, меѓу кои и двајца пратеника, по протестите за уривањето на Савски мост
- Маринка Тепиќ и Мила Поповиќ, пратеници на опозициската Партија на слободата и правдата (ССП), учествуваа на протестот поради одлуката на властите да го тргнат Стариот савски мост во Белград. Тие го пробија полицискиот кордон распореден на приодот и неколку часа стоеја на мостот.
Белград, 28 ноември 2024 (МИА) - Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти денеска дека наложило поднесување кривична пријава против пет лица во врска со протестите организирани во Белград на 24 и 26 ноември, јави дописникот на МИА од Белград.
-Поради постоење основи на сомнение дека на 24 ноември сториле кривично дело Попречување на службено лице во вршење на службено дејствие од Законот за јавен ред и мир, ќе биде поднесена кривична пријава против пратениците М.Т. и М.П., се наведува во соопштението на обвинителството.
Маринка Тепиќ и Мила Поповиќ, пратеници на опозициската Партија на слободата и правдата (ССП), учествуваа на протестот поради одлуката на властите да го тргнат Стариот савски мост во Белград. Тие го пробија полицискиот кордон распореден на приодот и неколку часа стоеја на мостот.
Кога станува збор за други лица против кои обвинителството нареди поднесување кривична пријава, станува збор за Ѓ.М., И.В. и М.Б. кои се сомничат дека на 26 ноември на протест во близина на населбата Белград на Вода сториле кривично дело „Загрозување на јавен сообраќај со општо опасно дело и опасни средства од Кривичниот законик“.
Граѓани, активисти и опозициски политичари со денови кампуваат на приодите кон Савски мост во обид да го спречат неговото уривање, што е план на градската власт.
За време на протестот кој се одржа на 27 ноември, група луѓе физички ги нападнаа учесниците на протестот против уривањето на Савски мост во Белград, а полицијата по неколку инциденти на местото на настанот пристигна во поголем број.
За овој протест и инцидентите полицијата и обвинителството засега се немаат огласено.
За време на протестот на мостот на 20 ноември, полицијата ги приведе лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ Саво Манојловиќ и градскиот советник на тоа движење Александар Јовановиќ. Тие подоцна беа ослободени. об/