• недела, 22 декември 2024

Кривични пријави против одговорните во КЈП „Водовод“ и во Општина Кочани ќе поднесе Граѓанскиот одбор против загадувањето од депонијата

Кривични пријави против одговорните во КЈП „Водовод“ и во Општина Кочани ќе поднесе Граѓанскиот одбор против загадувањето од депонијата

Кочани, 21 декември 2024 (МИА) – Членовите на Граѓанскиот одбор против загадувањето од комуналната депонија во Кочани ќе поднесат кривични пријави против директорката на КЈП „Водовод“, градоначалникот и овластените комунални инспектори во Општината, откако втор ден камиони на комуналните претпријатија од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево исфрлаат отпад на депонијата.

Од Одборот наведуваат дека нивната постапка е предизвикана поради грубото кршење на волјата на граѓаните, сублимирана во едногласната одлука на Советот на Општина Кочани дека на градската депонија во Кочани не смее да се исфрла ѓубрето од другите општини.

-Градоначалникот и директорката ги имаат пречекорено службените овластувања и ја злоупотребија функцијата со тоа што дозволија дејства спротивни на одлуката на Советот на Општина Кочани. Исто така, комуналните инспектори несовесно ја извршуваат својата работа. Бараме одговор дали и кога градоначалникот потпишал меморандум за преземање отпад од соседните општини, по чие барање и врз основа на кој закон соседните општини доаѓаат со полициска придружба до депонијата што е во владение на општина Кочани, а дадена на управување на КЈП „Водовод“ и дали директорката е должна да постапува по неосновани усни наредби, истакна Венко Крстевски, претседател на Надзорното тело за мониторинг на комуналната депонија.

Поради непочитувањето на одлуката на Советот на Кочани, а со тоа и на граѓаните на Кочани, од Граѓанскиот одобор најавија нов протест што ќе се одржи в понеделник. Незадоволството ќе биде искажано со двочасовна блокада на една од главните сообраќајни крстосници кај ОУ „Св. Кирил и Методиј“, во централното градско подрачје. та/нд/

фото : МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан