Кривичниот суд донесе одлука да се замрзнат трите луксузни стана во „Панорама“
- По барање на обвинителката Лиле Стефанова, застапник на обвинението во случајот „Плацoви на Водно“, Основниот Кривичен суд - Скопје донесе одлука да се замрзнат трите луксузни стана во „Панор
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - По барање на обвинителката Лиле Стефанова, застапник на обвинението во случајот „Плацoви на Водно“, Основниот Кривичен суд - Скопје донесе одлука да се замрзнат трите луксузни стана во „Панорама“ на Водно, кои според искази на дел од обвинетите, наводно се чувале за поранешниот премиер Никола Груевски.
Становите се на фирмата „ССИ Инвестмент“, но, според Орце Камчев и неговиот зет, Мето Стојчевски, тие се чувале за Груевски, а за замена за плацовите на Водно.
Овие плацови, пак, се на име на сопругата на бизнисменот Сергеј Самсоненко, Ирена Самсоненко, чија адвокатка на денешното рочиште побара одмрзнување на имотот на „Лајв кеар центар“, фирма на Самсоненко. Од Кривичниот суд велат дека ова барање допрва ќе се разгледува, и дека ќе се одлучи откако најпрво ќе добијат став од Обвинителството.
Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, обвинетиот Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Завршните зборови за „Плацови на Водно“ се закажани за 12 април, по што ќе биде објавена пресудата. ар/дма/