• вторник, 24 декември 2024

Кривична пријава против двајца жители на Кочани кои копале злато во делчевско

Кривична пријава против двајца жители на Кочани кои копале злато во делчевско

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против двајца жители на Кочани осомничени дека во атарот на село Очипала, делчевско, без да поседуваат дозвола за археолошки истражувања, започнале со проучување и пронаоѓање на знаци, со цел идентификување на место каде можат да бидат пронајдени вредни предмети и потоа да продолжат со ископување.

- Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.К.(53) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и М.И.(59) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, стои во соопштението од МВР.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, пријавените биле запрени од полициски службеници, а при преглед во возилото била пронајдена и одземена опрема и алат наменети за археолошки истражувања и ископ, кај второпријавениот биле пронајдени осум сребрени монети, а кај првопријавениот уште четири стари монети и два стари прстени.  

- Со извештај од Управа за заштита на културното наследство, било констатирано дека четирите монети и двата прстени одземени од првопријавениот, претставуваат добро под привремена заштита, дополнуваат оттаму. ар/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан