Кремљ го осуди обидот за атентат врз Трамп
- Кремљ ги осудува актите на насилство во политичката борба, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков по обидот за атентат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија
Москва, 14 јули 2024 (МИА) – Кремљ ги осудува актите на насилство во политичката борба, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков по обидот за атентат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
- Русија секогаш осудувала, а сега исто категорично ги осудуваме сите акти на насилство во текот на политичката борба. Воопшто не веруваме дека обидот за елиминирање на Трамп беше организиран од сегашната администрација, но атмосферата што ја создаде оваа администрација во текот на политичката борба, атмосферата околу кандидатот Трамп, токму тоа го предизвика она со што денес се соочува Америка, посочи Песков.
Тој им изрази сочувство на жртвите од нападот, но додаде дека рускиот претседател Владимир Путин не планира да разговара со Трамп.
Претходно, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова по повод обидот за атентат врз Трамп, истакна дека САД треба да направат „инвентар на своите политики за поттикнување на омраза против политичките противници, земји и народи“.
Таа говорејќи за атентатот врз Трамп ја осуди поддршката на САД за Украина.
- Можеби е подобро сите тие пари да се употребат за финансирање на американската полиција и другите служби кои можат да обезбедат ред и закон во САД, напиша Захарова на Телеграм.
Телевизијата РТ (Раша тудеј) објави дека „кога ќе се исцрпат сите други средства за ослободување од претседател кој пречи, во игра влегува стариот добар Ли Харви Освалд“, алудирајќи на убиецот на поранешниот американски претседател Џон Кенеди во 1963 година. ми/
фото: МИА архива