Коњановски: Помал број пријавени лица со клиничка слика на грип во однос на лани во Битола
- Во Центарот за јавно здравје во Битола оваа сезона биле аплицирани над 8.000 вакцини против сезонски грип, бесплатни и комерцијални и тоа, претставувало рекорден број вакцинирани во споредба со минатите години.
Битола, 26 јануари 2025 (МИА) - Во Битола, во однос на лани, истиот период, оваа година во градот досега има помал број пријавени лица со клиничка слика на грип, истакна градоначалникот Тони Коњановски. Тој го кажа ова за време на како што рече, „посетата на мојата матична установа“, ЈЗУ Центар за јавно здравје - Битола.
Во Центарот за јавно здравје во Битола оваа сезона биле аплицирани над 8.000 вакцини против сезонски грип, бесплатни и комерцијални и тоа, претставувало рекорден број вакцинирани во споредба со минатите години.
- Од директорката Светлана Поповска Кљусева бев информиран за идните планови за развој на овој регионален центар, како и неговата сѐ позначајна улога во справувањето со новите предизвици со што се соочува секторот - јавно здравје. Во однос на актуелната епидемиолошка состојба со сезонскиот грип во Битола, статистиката што ми беше презентирана, говори дека во однос на минатата година, истиот период, оваа во Битола, досега, има помал број пријавени лица со клиничка слика на грип, а пикот на заболени се очекува во текот на месец февруари, посочи Коњановски.
Центарот за јавно здравје располага со доволно тестови за микробиолошка потврда на вирусот на грип, како и за останатите вирусни и бактериски причинители на респираторните заболувања, потврдија од оваа јавна здравствена установа. мт/бд/
Фото: МИА