• среда, 25 декември 2024

Кој е кој од кандидатите за Патријарх на Бугарската православна црква и дали има фаворит меѓу нив?

Кој е кој од кандидатите за Патријарх на Бугарската православна црква и дали има фаворит меѓу нив?

30 јуни 2024

Вести - Софија

На 20 јуни, по 42 круга на последователно гласање, беа избрани тројца митрополити кои денеска ќе се борат за местото патријарх на Бугарската православна црква. Иако бројката изгледа импресивно, всушност изборот беше значително побрз од последниот во 2013 година, кога траеше цели два дена. Сега, еден од тројцата кандидати - Григориј Врачански (намесник-претседател на Синодот) беше избран уште по првото гласање со 11 гласа, додека другите двајца - Данил Видински и Гаврил Ловчански беа избрани соодветно во 32. и 42. круг со по 9 гласа.

Што знаеме за тројцата претенденти?

Григориј Врачански
Вистинското име на Врачанскиот митрополит Григориј е Красимир Цветков. Тој е роден во 1970 година во Ботевград. Учи Природно-математичката гимназија во градот, пред во 1996 година да се обрече во верност на Црквата. Првично е ракоположен за јероѓакон, а година подоцна и за јеромонах. Дипломирал на Богословскиот факултет на Атинскиот универзитет „Каподистрија“. Од 2007 година е протосингел на Софиската митрополија, а од 2011 година - игумен на Тројанскиот манастир.

Од 2014 година станува и викар на Софискиот митрополит. На 12 март 2017 година, по канонски избор, е избран за Врачански митрополит со целосна едногласност. Од март месец, по смртта на Неофит, е избран од Светиот синод за намесник-претседател, преземајќи ја службата на починатиот патријарх до изборот на нов. Нему му беше доверена и организацијата на изборот за нов поглавар на Православната црква.

Гаврил Ловчански
Вистинското име му е Цветан Динев. Роден е во 1950 година во Софија. Учи во Високиот инженерско-градежен институт, редовно посетувајќи го Клисурскиот манастир, каде што се зближува со монахиња по име Марија. Од 1973 година постојано живее таму, а во 1979 година е ракоположен за монах, една година подоцна е назначен за игумен на манастирот. Од 1984 до 1986 година специјализира во Московската духовна академија. Станува доктор по богословие, а потоа и архимандрит.

Од 1986 година е назначен за претседател на Бугарското црковно подворје при Московската патријаршија. Во 1991 година се враќа во земјата и станува протосингел на Софиската митрополија, истовремено и игумен на манастирот „Света Петка“. Од 1998 година е викар на Софискиот митрополит, а од 2001 година е избран за Ловчански митрополит. Во 2009 година е избран да го предводи Врховниот црковен совет при Светиот синод, две години подоцна и Културно-просветниот оддел.

Данил Видински
Роден е во 1972 година во Смолјан под името Атанас Николов. Завршил средно образование во родниот град, а во 1996 година запишува Англиска филологија на СУ „Св. Климент Охридски“. Веќе следната година се префрла на Богословскиот факултет. Од 1997 година е послушник во Хаџидимовскиот манастир „Св. Георги“, по две години станува монах и е ракоположен за јероѓакон.

Во 2004 година е испратен на послушание во Роженскиот манастир „Рождество Богородично“, каде што е ракоположен за јеромонах, а две години подоцна станува архимандрит. Во 2008 година по одлука на Светиот синод станува епископ во храмот „Св. Александар Невски“. Назначен е за викар последователно на Неврокопскиот митрополит Натанаил и митрополитот на САД, Канада и Австралија Јосиф. На 4 февруари 2018 година е избран за Видински митрополит.

Кој е фаворит за местото?
Според специјалистите, најголеми шанси за местото има 53-годишниот Григориј Врачански, кој беше избран меѓу тројцата претенденти уште во првиот круг со 11 гласа (од вкупно 14). Реално, ниту еден од другите двајца не собра толку, со оглед на тоа дека беа посочени дури по 30-тиот и 40-тиот круг. Големата предност му е токму искуството и фактот што де-факто веќе ги извршува функциите на патријарх како намесник-претседател до изборот на нов таков.

Инаку, другите двајца имаат интересно спротивставување - Ловчанскиот митрополит Гавриил е најстариот (74 години), а Видинскиот митрополит Даниил - најмладиот (52 години). Надвор од тоа, и двајцата имаат доста заеднички погледи, како што никогаш не ги криеле своите проруски позиции.

Малку по почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина, и откако Москва веќе ја објави Бугарија за непријателска држава, Гаврил учествуваше на литургија во Руската црква со министерот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополит Антониј. Данил, пак, беше меѓу луѓето кои реагираа исклучително остро по затворањето на Руската црква минатата година, изразувајќи јавно огорченост од одлуката претставникот, архимандрит Васиан и негови двајца духовници, да бидат избркани под сомнение за шпионажа.

Кога ќе се знае кој е новиот патријарх?

Конечното решение кој ќе ја предводи Бугарската православна црква ќе биде денеска донесено од Патријаршискиот изборен собор, каде што вкупно 145 духовници и мирјани ќе гласаат тајно. Тогаш во Синодалната палата во Софија се очекува да присуствува и Вселенскиот патријарх Вартоломеј, што е показател за сложеноста на изборот. Сепак, на 1 јули ќе знаеме со сигурност кој е наследникот на починатиот Неофит. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан