• четврток, 06 март 2025

Костадинов обвинува за блокада од централната власт за изградбата на булевар од излезот на Струмица кон границата со Бугарија

Костадинов обвинува за блокада од централната власт за изградбата на булевар од излезот на Струмица кон границата со Бугарија

Струмица, 5 март 2025 (МИА) - Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов денеска на прес-конфереција обвини дека заради блокада и опструкција од централната власт, односно од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), веќе една година доцни завршувањето на изградбата на булеварското решение од излезот на Струмица кон селото Дабиле, одосно кон границата со Бугарија.

Како што рече Костадинов, според потпишаната спогодба меѓу Општина Струмица и ЈПДП од 2022 година, обврска на Државни патишта била целосно да ги реши сите имотно-правни односи за експропријација на потребното земјиште на целиот опфат на трасата, која до денеска не е завршена.

- Оваа делница е и меѓународен сообраќаен коридор, бидејќи овој пат води и до граничниот премин Ново Село. Во овој момент градежните активности се запрени, бидејќи ЈПДП очигледно и намерно ја блокира изградбата на овој пат. Друга причина не гледам, особено поради тоа што ние, Општина Струмица, го финансираме овој проект, а обврска на ЈПДП е само експропријацијата. Се надевам дека директорот на ЈПДП, но и претставниците на Владата ќе го деблокираат овој проект, ќе го завршат нивниот дел од обврските за да можеме ние како Општина во експресен рок да го завршиме овој пат. Сакам да верувам дека не станува збор за политичка пресметка или политички притисок во пресрет на локалните избори, бидејќи станува збор за илјадници граѓани и бизниси кои секојдневно трпат штети од нереализацијата на овој проект. Доколку е инает, би сакал да им порачам дека со малтретирање на струмичани нема да ги разубедат, истакна Костадинов.

Додаде дека станува збор за една од најфреквентните делници во државата и порача дека Општината и граѓаните заслужуваат одговор зошто престана изградбата на булеварското решение.

Изградбата на булеварот од излезот на Струмица до селото Дабиле кој води кон граничниот премин Ново Село на македонско-бугарската граница е во должина од 2 километри и почна да се гради во септември 2023 година. Вкупната ивестиција за изградбата на булеварот, како што беше објавено на почетокот, чини околу 5 милиони евра од кои два обезбеди Општината, а три милиони евра се од ЈП за државни патишта. рт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан