• среда, 27 ноември 2024

Костадинов на увид на градежните работи на игралиштето и паркинг во Турското маало во Струмица

Костадинов на увид на градежните работи на игралиштето и паркинг во Турското маало во Струмица

Струмица, 6 март 2024 (МИА) - Градоначалникот Костадин Костадинов со соработниците, членови на Советот и сограѓани од Турското маало во Струмица, денеска изврши увид во градежните работи на локацијата на некогашната руинирана маларична болница, а на која сега се подигаат мултифункционално игралиште и паркинг за потребите на црквата „Свети 15 Тивериополски свештеномаченици“ и Џамијата, соопштија денеска од Општината.

Како што се наведува во соопштението, едно од клучните барања на сите жители од Турското маало, а посебно на младите било да добијат свое мултифункционално игралиште, пред се за фудбал, но и со други содржини.

-Гледаме дека се завршени потпорните ѕидови, ќе се врши тампонирање на земјата, потоа следува оградување на целото игралиште, асфалтирање, поставување на потребните спортски реквизити, се со цел да им овозможиме на нашите сограѓани Турци и дел од другите заедници коишто ги има, едно свое катче каде што ќе можат да спортуваат, изјавил Костадинов.

Во изјавата пред медиумите струмичкиот градоначалник се осврнал и на како што рекол, дека во Струмица владее една стигма, особено од страна на опозицијата, зошто тој работел за Турското маало, зошто инвестирал во Турското маало.

-Јас сметам дека различностите и мултиетничноста е богатството на Струмица и сметам дека и џамијата и црквата „Свети 15“ заслужуваат овде и свој паркинг, оти ова не е само за Турското маало, ова е и за цела Струмица. Верниците кои го посетуваат храмот „Свети 15“ во моментот немаат каде да паркираат и им треба соодветен паркинг, особено за автобусите коишто доаѓаат со туристи, а коишто се додадена вредност за струмичката економија, мора да овозможиме услови да се паркираат, изјавил Костадинов.

- Во овој простор овде обезбедуваме паркинг и за автомобили и за автобуси за црквата „Свети 15“ и за џамијата, за што морам да истакнам дека и со оџата, но и со почитуваниот муфтија сме во постојана комуникација за се што значи потреба за нашите верници од исламска вероисповед, оти ако не се почитуваме меѓу нас овде во Струмица и Македонци и Турци и сите други заедници, тогаш Струмица ќе го изгуби епитетот на модерен развиен град, град во којшто сите заедно работиме за наше општо добро и колку да не обвинуваат, ние сите заедно ова мора да го чуваме како зеница во окото и никако да не дозволиме да го изгубиме, изјавил Костадинов.

Тој додал дека ќе се реши и проблемот со водоснабдувањето во летниот период во Турското маало со новите резервоари и новиот водовод во Социјалната населба во вредност од 300 илјади евра, како и проблемот со турските гробишта. рт/мд/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан