• понеделник, 23 декември 2024

Костадиновски: Уставно-правната, судската и политичката култура во фокусот на соработката меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први"-Скопје

Костадиновски: Уставно-правната, судската и политичката култура во фокусот на соработката меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први,” Сашо Георгиевски денеска потпишаа Меморандум за соработка. Со овој Меморандум почнува реализирањето на еден од врвните приоритети на претседателот на Уставниот кој при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката, соопштија денеска Уставниот суд. 

-За мене најважно е да ја слушнеме правната мисла за важните уставно - правни теми и дилеми, кои ни се појавуваат секој ден при работата на секој предмет, на секоја седница. Идејата е да си помогнеме едни на други - правната мисла да ни помогне нас како судии за да го подигнеме и кредибилитетот и угледот на Уставниот суд, но од друга страна и ние да му помогнеме на Правниот факултет кој е најстрар најемнинентен субјект во нашата држава, да помогнеме и на неговиот кредибилитет и углед, рекол претседателот на Уставниот суд Костадиновски.

Деканот на Правниот факултет изразил задоволство од соработката и најавил силна и активна поддршка од фелата за суштински општествено-правни прашања, со акцент на темите од уставното судство. 

-Не случајно Уставните судови во светот во своите редови имаат и претставници од Академијата и истакнати правници кои објавувале трудови и се занимавале со научна дејност. Ние веќе утврдивме агенда како ќе соработуваме што говори за желбата и подготвеноста за соработка, изјави деканот Георгиевски.

Меѓу активностите предвидени во рамки на Меморандумот се организирање посети на студенти на додипломски, постдипломски и докторски студии, со присуство на седниците на Судот и презентација на неговата работа од страна на претставници на Службата на Судот, воспоставување програма за волонтирање на студенти во Судот, воспоставување програма за спроведување истражувања на студенти на постдипломски и докторски студии во Судот, заедничко аплицирање за проекти од областа на уставното право, уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот пред домашни и странски донатори,  учество на претставници на Правниот факултет при подготовка на посебните извештаи од член 13 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и издавање зборници на научни и стручни трудови од областа на уставното право, уставното судство и уставната заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во Уставот.

Меморандумот предвидува и заедничко организирање работилници, конференции и слични настани за прашања од уставното право, уставното судство и на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот,  воспоставување соработка за ангажирање научни работници во работата на Судот, како и учество на претставници на Правниот факултет на конференции.

Од Уставниот суд додваат дека Соработката помеѓу Судот и Правниот факултет ќе се остварува преку редовна координација на претставници на страните која ќе се одржува најмалку еднаш на секои три месеци. сст/цр

Фото: Уставен суд

 

 

 

 



Остани поврзан