• вторник, 26 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство

Костадиновска-Стојчевска: Ја усогласуваме законската регулатива, за подобра заштита на културното наследство

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Поврзаноста на архитектурата, планирањето и културното наследство како неразделни аспекти се одраз на иманентните вредности на културниот идентитет и традиција на една земја, истакнала министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во обраќањето на Втората годишна средба на архитекти и планери во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

-Оваа средба има исклучителна важност за сите нас, затоа што во својот фокус ги става архитектурата и планирањето како елементарни дисциплини во егзистенцијата на еден народ, но истовремено ја одржува жива дискусијата за подобрување на заштитата и третманот на културното наследство во нашата држава, што говори многу за нашиот културен идентитет, посочила Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата која се одржа во Битола.

Министерката за култура, пред присутните, бројни истакнати архитекти, планери, инженери од целата држава, од Архитектонскиот факултет во Скопје и Асоцијацијата на архитекти, зборувала за богатото културното и архитектонско наследство на Битола, но и за предизвиците со кои се среќава град со вековна традиција.

Истакнувајќи го ова прашање како проблем на секој наш град кој има материјални траги на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска се осврнала на потребата од усогласување на Закон за градење и Закон за заштита на културно наследство.

-Свесни за овие предизвици во тек е интензивна подготовка на законската и подзаконската регулатива, која се однесува на заштитата на објектите и материјалото наследство. Заедничката цел на двата закони е да се одврземе од јазолот на бесконечни ситуации и неизвесни постапки во кои запаѓаат и проектантите и надлежните органи, со што конечно ќе се синхронизираат и двата закона, рекла министерката за култура.

Таа посочила дека ридобивките од консолидирање на овие два закона ќе бидат видливи не само во Битола, туку подеднакво и во останатите заштитени градски јадра како во Крушево, Кратово, Старата скопска чаршија.

-Она што сакаме да го постигнеме е вистинска, а не само теоретска заштитата на културното наследство, баш онака како што доликува на еден град како што е Битола, нагласила министерката за култура.

Во оваа насока, Костадиновска-Стојчевска изразила благодарност за соработката на архитеките и урбанистите од Комората на овластени архитекти и овластени инженери со Асоцијацијата на архитекти кои имааобединети гледишта во однос на правната регулатива во овој сектор.

Втората годишна средба на архитекти и планери се одржа на тема: „Архитектот де факто, визави Архитектот де јуре“, а министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја отвори и изложбата, „Мерило на македонската архитектура“ на која се претставени трудови кои беа дел на 20-тото и 21-то биенале на архитектура во Скопје- БИМАС, со изложени проекти од областа на архитектура, урбанизам, дизајн и енетриер. дма/са/

Фото: Министерство за култура

 

Остани поврзан