• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Мораме итно и сите да дејствуваме во справувањето со причините и загрозувачите на Охридскиот регион

Костадиновска-Стојчевска: Мораме итно и сите да дејствуваме во справувањето со причините и загрозувачите на Охридскиот регион
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Можеме да констатираме дека и покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справувањето со причините и со причинителите кои го загрозуваат Охридскиот регион, впишан во Листата на УНЕСКО како реткост од светско значење. Мораме итно и сите да дејствуваме, нагласи денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на меѓународниот форум ,,50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“ во „Јуроп хаус“.  Таа наведе дека на Тентативната листа на УНЕСКО се впишани и пештерата „Слатински извор“, Марковите кули, локалитетот „Кокино“ и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново. Министерката додаде дека на Листата на светско наследство се и „Буковите шуми во долината на Длабока Река на планинскиот масив Кораб во Маврово“ како дел од природното, транснационално добро „Древните исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“. Министерката потенцираше дека уште еднаш сака да и предочи на јавноста со колку признаени, видливи за светот добра и убавини располагаме. - За жал, како министерка за култура и како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, должна сум да ја пренесам загриженоста дека засега тешко ја добиваме битката со несовесноста и алчноста на поединци, како и на крадците и вандалите кои ги уништуваат спомениците, и дивите копачи кои ги сквернават локалитетите. Ако секој локалитет претставува неотуѓив дел од светот, тогаш, навистина, и секој загрозен локалитет претставува загуба за сите, нагласи Костадиновска - Стојчевска. Таа наведе дека туризмот е голем пријател на економијата и на локалното население, но, како што потенцираше, не смееме да дозволиме, барем не онака како што добар дел од луѓето го разбираат и го практикуваат, да биде закана за културното и за природното наследство. - Особено не за Охрид и за Струга, и не за Галичица и за Дебрца. Во отсуство на свест и совест дека и овие богатства се нашиот идентитет и дека културното наследство нè легитимира во европски и во светски контекст, мојот поглед е вперен во домашната казнена политика како спас и во нејзината бескомпромисна и доследна примена, нагласи Костадиновска - Стојчевска. Таа посочи дека охрабрувачка и за поздравување е веста, дека пред неколку дена со Република Албанија го потпишавме договорот за враќање на 20 искучително вредни икони, прогласени за национално богатство,  кои беа украдени од македонските цркви и манастири. За овој убав епилог, како што додаде министерката за култура, огромна улога имаа и одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО „за начинот на забрана и спречување на нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“, чии потписнички сме и ние и Република Албанија. - Во името на Министерството за култура, со задоволство сакам да ја нагласам нашата соработка со организацијата ИКОМОС Македонија, која е организатор на овој форум, и која ја ужива нашата поддршка. Нам ни е неопходна нејзината експертска помош особено сега кога, под налетот на новото време, љубопитноста, која ѝ прилега на младоста, е насочена кон други вредности и други професии. И тука ја гледам полезноста од соработката со ИКОМОС Македонија зашто иднината на нашето заедничко наследство ќе зависи и од ангажираноста на младите кои, природно, наскоро ќе го преземат лидерството и ќе донесуваат одлуки, наведе министерката за култура. см/аа/  

Остани поврзан