• понеделник, 16 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Кокино е голем потенцијал за економијата и за туризмот, да ги користиме странските фондови 

Костадиновска-Стојчевска: Кокино е голем потенцијал за економијата и за туризмот, да ги користиме странските фондови 

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заедно со жени носителки на јавни функции и дипломатки денеска го посети древниот локалитет Кокино, една од најстарите опсерватории во светот.

Пешачката тура, како што информира Министерството за култура, со цел афирмација и подигнување на свеста за културното наследство на овој дел од државата е наречена „Кокино – поглед кон бесконечноста“.

Министерката рече дека Кокино, како културно добро со висок степен на заштита од државата, секогаш ја имало поддршката од Министерството за култура и од експертската јавност, како и од меѓународните фондови.

- Сакам да се заблагодарам за поддршката што нашата култура ја добива и преку Амбасадорскиот фонд на САД. Од 2001 година до денес се поддржани 15 проекти. Преку овој фонд, во 2006-та се изврши заштита на мегалитската опсерваторија Кокино. Посакувам поддршката да продолжи и за реализација на дел од акцискиот план за Кокино, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека е моќно чувството да стоите на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето. 

- Вршени се истражувања, собран е и евидентиран богат движен материјал. Кокино е впишано на Тентативната листа на УНЕСКО, но треба да се направи уште многу за да се впише и на престижната листа, изјави министерката за култура.

Според министерката за култура, потенцијалот на Кокино е огромен и треба да се искористи за придвижување на локалната економија, како и за развој на локалниот туризам.

Жените носителки на јавни функции и дипломатки во земјава кои беа дел од пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ изразија воодушевување и задоволство од можноста да го посетат Кокино и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.

На пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ ѝ претходеше и посета на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, каде што присутните се запознаа со богатата историја и културното наследство на овој крај. мд/дма/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан