• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Кај младите да се поттикнува интересот за културното наследство

Костадиновска-Стојчевска: Кај младите да се поттикнува интересот за културното наследство

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска го посети музејот под отворено небо – Неолитско село на археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје.

Костадиновска-Стојчевска, како што соопшти Министерството за култура, посочи дека  по повод 18 Април, Светскиот ден на културното наследство, прифатен од УНЕСКО како Светски ден на спомениците и археолошките локалитети, денеска ширум се отворени вратите на сите музеи и локалитети во државава.

-Од огромна важност е подигнувањето на јавната свест за значењето, вредноста, грижата и заштитата на нашето културно наследство како дел од заедничките цивилизациски придобивки. Симболично, но суштински, обезбеден е слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден. Веруваме дека ова ќе биде предизвик за голем број од пошироката јавност да ги посети, да се информира, да го збогати своето знаење, а сето заедно да придонесе за подигнување на свеста за значењето на културното богатство што го поседуваме, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката Костадиновска-Стојчевска упати честитки до националните установи, кои подготвија програма со која даваат придонес кон приближувањето на значењето на културното наследство до најмладите, до оние во чии раце во иднина ќе остане обврската за негово чување.

Светскиот ден на културното наследство има голема традиција и стратегиски пристап во изборот на темите, па така годинава фокусот е на „Промените на културното наследство“, теми што се во контекст на климатските промени.

- Со еднаква свест дека климатските промени ги загрозуваат и нашите идентитети посегнувајќи токму по културното наследство, наша обврска е силно и посветено да работиме на стабилизирање и конзервирање на историските објекти и локалитети кои, според процената и на светски авторитети, директно се изложени на екстремноста на климатските промени, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура во музејот под отворено небо „Неолитско село“ на локалитетот Тумба Маџари во Скопје присуствуваше на предавање за средношколци, на кои им беа презентирани новите технологии што се користат во археолошките истражувања како недеструктивни методи, пред сè, употребата на георадар.

Со овој метод, преку употребата на георадар, археолозите можат да добијат значајни податоци во потповршинските слоеви кои понатаму можат многу да помогнат при самите археолошки ископувања без притоа да се отвораат сонди што не даваат резултати, што заштедува големи финансиски средства и човечки потенцијал.

Новите методи, кои ги спојуваат археологијата, геофизиката и науката за почвата, се застапени и во програмата на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, со што, како што кажа министерката за култура, имаме заложба оваа полезна практика да ја применат и другите надлежни установи.

- Запознавањето на младите со интердисциплинарниот пристап и новите технологии во археологијата е од огромно значење и верувам дека ќе предизвика поголем интерес за археолошкото богатство и заштитата на културното наследство, рече министерката за култура. Таа потсети дека во екот на пандемијата од КОВИД-19, Владата трипати го зголеми буџетот за заштита на културното наследство и отвори нова буџетска линија за итна интервенција на културното наследство во опасност.

Честитајќи го Светскиот ден на културното наследство, Костадиновска-Стојчевска додаде дека и во услови на редефинирани буџети поради економската криза, Министерството за култура останува посветено на заштитата на културното наследство и неговата непроценлива цивилизациска вредност. мд/са/

Фото: Министерство за култура 

Остани поврзан