• сабота, 21 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Законот за јазикот е гаранција за заштита и негово унапредување

Костадиновска-Стојчевска: Законот за јазикот е гаранција за заштита и негово унапредување

Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Законот за употреба на македонскиот јазик не е никаков политички договор или диктат, туку заштита на јазикот како нематеријално и духовно наследство. Законот настана како еден вид реакција на се што се случува во однос на јазикот, преголемото присуство на интернационализми, позајмени зборови. Со овој закон се воведува ред, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Имаме обврска да одговориме на сите предизвици пред кои стои јазикот. Ако треба поголема законска регулатива, тоа ќе го направиме. Законот беше долго работен со Советот за македонски јазик и целата стручна фела. Во конструктивна дебата имаше предлози, кои беа вградени во законското решение, рече Костадиновска-Стојчевска вечерваво „24 анализа“ на ТВ24.
 
Министерката додаде дека од измените на овој закон произлегоа и измените на Законот за државни награди, каде што се воведуваат две нови награди со цел признавање на трудот на македонистите.

Таа нагласи Законот за употреба на македонскиот јазик, како закон кој допрва треба да се изгласа, ќе предизвика промени и усогласувања и на други закони, влучително и на законот за употреба на јазиците. За тоа, вели, е веќе разговарано на Советот за македонски јазик при Министерството за култура и се разгледуваат и анализираат сите промени што ќе треба да се случат.
 
-Тука се промените за продолжување на стипендиите за македонистите, регулирањето на бројот на часови по македонски јазик на сите нивоа во образованието, па и на Законот за употреба на јазиците, рече Костадиновска-Стојчевска.
 
Министерката истакна дека сите потребни усогласувања ќе се направат, а иницијативата за тоа веќе се подготвува.

Посочи и дека со новиот Закон за употреба на македонскиот јазик новина е инспекторатот, кој, вели, не треба да се сфаќа како нов вид полиција или казнена политика, тука како механизам што ни е потребен, за да се реагира и унапреди употребата на јазикот, да не се реагира само на социјалните мрежи.
 
-Зборуваме за уредување и унапредување на користењето на македонскиот јазик и кирилското писмо. Секаде каде што ќе биде забележана неправилна употреба на јазикот, ќе се предупреди и санцкионира рече Костадиновска-Стојчевска. вг/дма/

Остани поврзан