• недела, 24 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Европска престолнина на културата е престижна титула, но носи и голем број обврски

Костадиновска-Стојчевска: Европска престолнина на културата е престижна титула, но носи и голем број обврски

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Скопје за „Европска престолнина на културата во 2028 година“ e престижна титула, но, и голема обврска, а она што можам да го видам од работењето на тимот, ни следи еден многу креативен период. Навистина сум многу среќна, бидејќи во културата ни требаше една светла точка, која ќе ни биде водилка на сите институции да се обединиме за да останеме светла точка до 2028, но и потоа, која ќе не држи будни со цел уште повеќе да се развие македонската култура. Тоа ќе биде шанса да придонесеме со нашите вредности во ЕУ, претставувајќи ги како вредности нашите традиција, култура и особеностите.

Ова го нагласи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето „Во живо“ на МРТ1.

- Огниште околу кое сите ќе се сплотат, токму таква е оваа титула, инклузивна ова не е само наш проект чие мото е „Културата над поделбите“, туку заеднички без оглед на политичките партии, националности и градови, затоа културата има примат дека со неа можеме да ги надминеме сите пречки за да ја покажеме нашата уникатност, рече министерката.

Според неа, оваа титула доделена од експерти од Европската комисија, претставува предизвик за обединување под знамето на културното просветлување, овозможувајќи не само на Скопје и неговите жители, туку и на сите македонски граѓани да почувствуваат подлабока поврзаност со поширокиот европски идентитет.

-Патувањето кон 2028 година бара непоколеблива поддршка и финансиски, кадровски и инфраструктурно. Владата преку Министерството за култура е посветена на безрезервна поддршка на иницијативата „Скопје-Европска престолнина на културата во 2028“. Овој потфат гарантира долгогодишно инвестирање и непоколеблив напор да се осигура дека Скопје ќе блесне силно на европската културна мапа. Повикот е упатен до сите културни работници, уметници, иновативни умови и секој сектор од општеството да ги здружат силите, искористувајќи го нашиот потенцијал да создадеме незаборавен наратив за културното богатство, појасни Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Универзалната сала ќе биде реконструирана што е можно поскоро, не само затоа што е носител на овој проект, туку и дека сме единствен град што извесен период нема концертна сала.

- Советот на Град Скопје донесе одлука ингеренциите за реконструкција да бидат пренесени на Министерството за култура, по добивањето на документите од правната служба на Град Скопје, ќе направиме увид иако начелно имаме стручен тим и надворешни експерти, кои ќе дадат насоки како да се продолжи реконструкцијата. Средствата се обезбедени за надворешната реконструкција, останува уште средства за ентериер, и да не ја чекаме 2028 година, туку час поскоро да ја видиме салата во полн сјај, заклучи Костадиновска-Стојчевска. цр/бак/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан