• недела, 29 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска - Гојковиќ: Културата преку Отворен Балкан покажува дека Балканот е Европа

Костадиновска-Стојчевска - Гојковиќ: Културата преку Отворен Балкан покажува дека Балканот е Европа

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во рамки на посетата на Белград имаше работна средба со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за култура Маја Гојковиќ. Теми на разговор на средбата беа активностите поврзани со темелните вредности дефинирани во иницијативата Отворен Балкан.

На средбата, како што соопштија од Министерството за култура, беа истакнaти досегашните позитвни заеднички активности на театрите и на националните оперски и балетски куќи на двете земји, а се зборуваше и за големиот настан планиран за ова лето, за афирмација на културата во рамките на Отворен Балкан, во Европа.

-Трите земји од Отворен Балкан сме соединети во голема изложба која ќе биде отворена летово во Париз, во српскиот културен центар. Овој проект е ново искуство за нашата основна соработка која има цел да помогне во мобилноста на културата и уметноста, во отворањето заеднички фондови, во размената на информации и искуства, да внесе иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали. Со заеднички проекти ги зацврстуваме сопствените капацитети и градиме мостови на соработка во регионот. Оваа изложба во Париз е голем предизвик за сите, зашто ќе ги претстави културите на трите земји поеднечно, но ќе ја претстави балканската уметност и како целина, што ќе предизвика многу посилен ефект во европската заедница, ќе ја афирмира нашата сплотеност, заедништво, нашата заедничка визија и вредности кои ги споделуваме како балкански, но и европски земји, изјави Костадиновска-Стојчевска.

На средбата министерките за култура разговараа и за конкретните активности кои следат пред официјалното отворање на културно-информативниот центар на Северна Македонија во Белград.

-Од огромна помош се нашите културно-информативни центри – нашиот центар во Тирана навистина покажува одлични резултати во промоцијата на македонската и балканската култура во Албанија – очекувам наскоро да се радуваме и на новоотворен македонски културен центар во Белград, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Гојковиќ и Костадиновска-Стојчевска разговараа за конкретните активности по успехот на гостувањата на белградската „Жизел“ во Скопје, и на  „Севилскиот берберин“ од НОБ во Белград, најавеното гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“, македонско издание на реномираниот музички фестивал ЕГЗИТ кое се одржа во Струмица и за кое годинава се подготвува второ издание.

-Верувам дека по овој пример ќе развиеме соработки и на полето на филмот, на полето на театарот, и на полето на фестивалите – нашиот Балкан има и артисти, и продукции, и традиција, и дух и пасија да извезува уметност. Преку уметноста и културата со ваквите иницијативи веќе сме докажале дека Балканот е Европа, рече Костадиновска-Стојчевска по работната средба со Маја Гојковиќ.

Основата на соработката во областа на културата меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија беше поставена на Самитот на Отворен Балкан во Охрид, во мај минатата година кога министерките за култура на трите држави потпишаа меморандум за соработка.бт/аа/

Фото: Министерство за култура

 

Остани поврзан