• вторник, 24 декември 2024

Косовската влада ја повика Српска листа да не врши притисок врз Србите за гласањето во северно Косово

Косовската влада ја повика Српска листа да не врши притисок врз Србите за гласањето во северно Косово

Приштина, 9 април 2024 (МИА) – Владата на Косово ја повика најголемата партија на косовските Срби, Срспка листа (СЛ) „да не шири дезинформации“ и да не врши притисок врз граѓаните од српската заедница на северот на Косово „кои сакаат да бидат дел од демократскиот процес на 21 април“, за кога е закажано гласањето за разрешување на градоначалниците во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово.

Според административното упатство на Владата на Косово, Централната изборна комисија (ЦИК) за 21 април го закажа гласањето за разрешување на градоначалниците Албанци во општините со српско мнозинство - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

На ова гласање му претходеше собирањето потписи за петицијата за смена на градоначалниците Албанци на овие општини, кои беа избрани и стапија на функција минатиот мај, откако Србите ги бојкотираа изборите во април 2023 година.

Петицијата ја поддржа и Српската листа, но во неделата, на 7 април, оваа партија, која е главна партија на Србите на Косово и ја ужива поддршката на Белград, соопшти дека нема да учествува во процесот на гласање „бидејќи косовскиот премиер, Албин Курти направи сé за да спречи процесот да биде успешен“.

- Тоа (гласањето на 21 април) е резултат на барањето и потписите собрани од граѓаните на Република Косово, жители на овие четири општини. Административото упатство, кое предвидува можност за смена на градоначалниците на општините, ја почитува политичката волја на граѓаните, соопшти Владата на Косово во одговор испратен до Радио Слободна Европа (РСЕ).

Косовската извршна власт ги повика граѓаните во општините на северот на земјата, населени со мнозинство Срби, да ја искористат можноста и своето право да гласаат за или против смена на четворицата албански градоначалници.

Претседателот на Српска листа, Златан Елек во неделата изјави дека има речиси 46.000 граѓани со право на глас, но ситуацијата на терен е поинаква бидејќи во последните месеци од Косово заминале околу 15 отсто од Србите. Поради тоа, тој навести дека гласањето на 21 април не може да биде успешно, бидејќи се бара 50 отсто плус еден глас од вкупниот број запишани избирачи да гласаат за разрешување на градоначалникот.

Елек додаде дека избирачките списоци „не ја отсликуваат реалната состојба на терен“ и дека е зголемен бројот на Албанци во избирачките списоци“. Меѓутоа, како што забележува РСЕ, Елек не презентира никакви докази за ова тврдење.

- Со своите постапки докажуваат дека ги немаат во фокус интересите на граѓаните. Граѓанинот нема никаква корист од методите на Српската листа и на официјален Белград, напротив, се вели во одговорот испратен од Владата на Косово.

Според упатството, одобрено во септември минатата година, за ова гласање да биде успешно потребни се 50 отсто плус еден глас на граѓаните со право на глас.

После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да го објави одржувањето на предвремените избори.

Доколку гласањето е неуспешно, по 12 месеци повторно може да се преземе нова иницијатива.иа/сд/

Остани поврзан