• среда, 25 декември 2024

Косово целосно го забрани увозот од Србија

Косово целосно го забрани увозот од Србија

Приштина, 14 јуни 2023 (МИА) – Владата на Косово одлучи попладнево да го забрани влезот на секој вид стоки од Србија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката на Владата на Албин Курти уследи откако денеска Србија приведе тројца припадници на косовската полиција, за кои официјална Приштина и домашните медиуми тврдат дека биле киднапирани од маскирани припадници на српски сили внатре на косовска територија, во близина на меѓудржавната граница на косовскиот север.

Претходно, министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља го обвини Белград дека го прекршува „секој договор и секој принцип на меѓународните норми“ и го повика меѓународниот фактот да го зголеми притисокот врз Србија за да ги ослободи косовските полицајци и да запре со провокациите.

Полицијата на Косово објави дека тројца нејзини припадници денеска биле киднапирани од маскирани лица од Србија на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користел од српски криминални групи за нелгален премин и шверц од Србија.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформираните лица кои се наводно косовски полицајци. Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.

Остани поврзан