• сабота, 23 ноември 2024

Косово го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Косово го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Приштина, 10 јули 2024 (МИА) – Владата на Косово денеска одлучи да го прогласи 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, врз основа на резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации, усвоена во мај годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Премиерот Албин Курти, откако денешната владина седница ја отвори со едноминутен молк во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница, рече дека прогласувањето на 11 јули за Ден на сеќавање на геноцидот од 1995 година во овој босанско-херцеговски град е „благородна и соодветна одлука во името на Косово“.

- Годинава ја одбележавме 25-годишнината од ослободувањето (на Косово). Се сеќаваме на извршените масакри, го одбележуваме сеќавањето на жртвите од војните од 90-тите. Се сеќаваме на 8.372 мажи и момчиња од Сребреница кои беа убиени од српските сили во најголемиот масакр во Европа од Втората светска војна, рече Курти.

Тој потсети дека неколку дена пред годишнината од геноцидот во Сребреница, припадници на вооружените сили на Србија маршираа на свечена парада низ северозападниот босански град Приједор, без претходна согласност од државата Босна и Херцеговина.

- Минатиот викенд припадници на вооружените сили на Србија, кадети и ветерани на Воената академија во Белград, маршираа на парада во Приедор без дозвола и согласност на државата Босна и Херцеговина, значи само четири дена пред годишнината од масакрот во Сребреница. Ние се приклучуваме на сеќавањето врз основа на резолуцијата за осуда на геноцидот во Сребреница што ја усвоивме во Собранието, по резолуцијата во Европскиот парламент и резолуцијата усвоена во Генералното собрание на ОН во мај оваа година. Тоа е благородна и соодветна одлука во името на Косово и на нашата желба за правда и мир. За да не се заборави и да не се повтори геноцидот ниту во Сребреница, ниту во Косово, ниту во нашиот регион, ниту каде било во светот, рече Курти.

Вицепремиерката Емилија Реџепи, која е припадничка на бошњачката заедница во Косово, рече дека овој ден „треба да послужи за зачувување на вистината, мирот, правдата и човековите права“.

Во мај, Генералното собрание на ОН преку резолуција го назначи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во 1995 година.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид во 2007 година.

Официјален Белград и властите на српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, Република Српска, го негираат геноцидот. сд/

 

Остани поврзан