• среда, 15 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Копретседателката на Алтернатива за Германија го нарече Мерц „канцелар на лаги“

Копретседателката на Алтернатива за Германија го нарече Мерц „канцелар на лаги“

Берлин, 9 јули 2025 (МИА) -  Лидерката на германската крајно десничарска партија, Алтернатива за Германија,(АфД)  Алис Вајдел, денеска остро го критикуваше канцеларот Фридрих Мерц за начинот на кој ја води неговата влада, која дојде на власт во мај, објави ДПА.

-За горчливо разочараните граѓани, вие веќе сте канцелар на лаги, господине Мерц, чии прекршени изборни ветувања би можеле да наполнат цели каталози, рече Вајдел, која е копретседателка на оваа германска антиимигрантска партија.

Во говорот за време на општата дебата во Бундестагот ( Долниот дом на германскиот Парламент), Вајдел остро го критикуваше Мерц за контроверзната одлука да ги намали тарифите за електрична енергија само за големите индустриски компании, земјоделството и шумарството, наместо за целото население.

Мерката беше вклучена во коалицискиот договор меѓу конзервативниот блок на Мерц, Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија, и централно-левичарската Социјалдемократска партија на Германија (СПД), но не беше вклучена во нацрт-буџетот за 2025 година.

-Вашиот збор не вреди ништо, дури и кога е запишан црно на бело во вашиот оскуден коалициски договор, рече Вајдел, нарекувајќи го Мерц „канцелар на хартија“ кој паднал под влијание на СПД.

Во својот говор, таа ја нападна и миграциската политика на новата влада, критикувајќи ги „вежбите за одвлекување на вниманието“, како што се широко критикуваните напори на министерот за внатрешни работи Александар Добринт за заострување на граничните контроли.

Таа, исто така, рече дека плановите на владата се финансираат преку „должничката оргија“ и ја критикуваше поддршката за Украина.

Во жестоките дебати, претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер, ги повика пратениците да не „разменуваат лични навреди“ и „да не се обвинуваат меѓусебно за лаги“.сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан