• вторник, 27 август 2024

Копа Америка: Дебитантот Канада полуфиналист

Копа Америка: Дебитантот Канада полуфиналист

 

Арлингтон, 6 јули 2024 (МИА) – Канадската фудбалска репрезентација во своето дебитантско учество на Копа Америка се пласираше во полуфиналето откако во четвртфиналето синоќа во Арлингтон ја совлада Венецуела со подобро изведување на пенали со вкупен резултат 5-4 (1-0, 1-1, 1-1).

Канада поведе во 13. минута со голот на Џејкоб Шафелбург, а Венецуела израмни во 65. минута преку Саломон Рондон.

Во пенал-рулетот по пет серии двете селекции постигнаа по три гола, а во шестата серија канадскиот голман Максим Крепо одбрани обид на Вилкер Анџело, за потоа Исмаел Коне со прецизен удар од белата точка да ја однесе Канада меѓу четирите најдобри репрезентации.

Во полуфиналето кое е на програмата во вторник во Њу Џерси, Канада ќе игра против бранителот на титулата и актуелен светски првак Аргентина, која ден претходно, исто така, со подобро изведување на пенали го елиминираше Еквадор.

Аргентина и Канада веќе играа на овогодишниот Копа на самото отворање на 20 јуни во Атланта кога беше 2-0 за Аргентина. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан