• среда, 25 декември 2024

Конференција „Навигација на ВИ и медиумите“: Потребата од заштита на објективното новинарство никогаш не била поголема, но и потешка

Конференција „Навигација на ВИ и медиумите“: Потребата од заштита на објективното новинарство никогаш не била поголема, но и потешка

Истанбул, 4 септември 2024 (МИА) - Улогата на вештачката инелигенција во креирањето на медиумските перспективи, потенцијалите на ВИ и можностите, кои ги отвора, но и нејзиното правилно користење во медиумското работење со цел да се заштитат основните постулати на кои почива новинарството се темите на кои се дискутира на Конференцијата „Навигација на ВИ и медиумите“, која се одржува денеска во Истанбул во рамки на настаните поврзани со 32. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ), чија членка е и МИА.

На отворањето на Конференцијата  генералниот секретар на АБНА-ЈИЕ и директор на БТА, Кирил Влчев нагласи дека оваа дебата е пример дека ВИ не може да ја замени природната комуникација меѓу луѓето, особено не во регионот на Балканот, каде меѓучовечките интеракции се секогаш водени од живите човечки емоции.

Тој нагласи дека ВИ е секако придобивка, која може да помогне во голем број сфери на живеењето, како и во работењето на медиумите, но таа не може да го замени новинарот на терен.

Истакна дека новите технологии можат да помогнат во новинарската професија, на пример при селектирањето на важни вести во океанот на информации, при размената на вести на различни начини. Напомена дека во рамки на сорабоката меѓу агенциите членки на АБНА-ЈИЕ ќе се разгледува можноста за изработка на софтвер за размена на вести и воспоставување на поврзаност меѓу вестите со слична содржина.

Влчев додаде и дека ВИ може ефикасно да се употреби во креирањерто на попристапни дата бази на медиумските продукти, како и при подобрување на презентирањето на медиумските продукти на социјалните мрежи со цел тие да допрат до повеќе луѓе, а особено до помладата публика.

На отворањето на конференцијата се обрати и актуелниот претседавач на АБНА-ЈИЕ, директорот на Анадолија, Сердар Караѓоз, кој истакна дека воведувањето на ВИ во медумското работење е вистински интелектуален предизвик, поради тоа што може да влијае не само врз креирањето на медиумските продукти, туку и врз етичките новинарски стандарди - објективноста, непристрасноста и точноста на информациите.  

Напоменувајќи дека интеракцијата на машините во продукцијата на вестите не е новина и дека тоа се случува согласно технолошкиот развој уште пред повеќе од десет години, во агенциите како АП, Ројтерс, Би-Би-Си, тој истакна дека Анадолија оваа година го „вработила првиот АИ новинар“, кој со помош на Чет ГПТ учествува во подготовка на текстови и во креирање на уредувачките процеси.

Караѓоз нагласи дека развојот на технологијата носи големи благослови и придобивки и при нејзината употреба пред се треба да се внимава на заштита на основните новинарски начела, кои не смеат да бидат доведени во прашање во име на користењето на новите технологии. 

На отворањето на конференцијата се обрати и турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, кој напомена дека новите технологии треба да се користат во насока на зглемување на слободата на медиумите на Балканот и секако во унапредување на демократската култура. 

-Технологиите на ВИ ги трансформираат призводството, професиите, секојдневниот живот, структурата на организациите и компаниите, изјави тој и нагласи дека секако таа влијае и врз зголемување на ефикасноста на работењето на медиумите. 

Сепак, истакна тој, се позачестената појава на дезинформации ја зголемила потребата за заштита на објективното и и непристарасно новинарство, која, како што рече, никогаш не била покруцијална, но и потешка.

Турскиот министер потенцира дека ВИ пред се се развива од страна на приватниот сектор, кој е насочен кон профит и нема одговорност во јавната сфера. Тој нагласи дека е потребен глобален унифициран и транспарентен пристап во справувањето со заканите кои може да дојдат од несоодветното користење на ВИ и додаде дека Турција во 2021 година лансирала национална стратегија во оваа насока. 

Утре во Истанбул ќе се одржи 32. Генерално собрание на АБНА-ЈИЕ, во која членуваат 12 новинаски агенции - МИА, АТА, Анадолија, ФЕНА, БТА, ХИНА, ЦНА, АНА-МПА, Косова прес, МИНА, Аџерпрес и АНСА. ац/са/

Фото: МИА

Остани поврзан