• сабота, 23 ноември 2024

Конференција: Меѓусекторски пристап и партнерства за родова еднаквост и јакнење на жените 

Конференција: Меѓусекторски пристап и партнерства за родова еднаквост и јакнење на жените 

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - Постои напредок во застапеноста на жените во органи на управување. Родовата еднаквост и зајакнувањето на жените бараат меѓусекторски пристапи и партнерства меѓу државниот сектор, бизнис секторот и граѓанското општество. Културните норми, предрасудите, структурните нееднаквости уште се големи бариери кои ги обесхрабруваат жените да не целат водачки и лидерски позиции и да не водат компании. Ова се дел од поралоте кои беа истакнати на денешната конференција „Успешни жени за успешен регион“ во организија на „Women on Boards Adria - WOBA“ (Жени во органи на управување Јадран).

На коференцијата беше нагласено дека неопходно е сите чинители да продолжат со заедничката работа за унапредување на родовата еднаквост и поголемата застапеност на жените во управувачките структури.

Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека пречките што ги спречува жените да стигнат до највисоките нивоа во светот на бизнисот најчесто потекнуваат од историски зададените норми за улогата на жената и нејзините општествено доделени улоги кои се обликувани од патријархалните култури.

Ѓоргиевска потенцира дека покрај заложбите да го рушиме стаклениот покрив треба да работиме и на поттик на жените да имаат еднакви стартни позиции со мажите, како и развој на кариера. 

-Женското лидерство не значи само поголема застапеност на жените во бројки. Женското лидерство значи реформа на начинот на којшто се менаџираат и управуваат процесите. Со внесување на поголем број жени во управувачките одбори се внесуваат нови димензии во лидерството – креативност, динамичност, подобра комуникација, емпатија, побрзо решавање на сложените проблеми. И статистиките потврдуваат дека инклузивните корпоративни одбори имаат далеку подобри перформанси од оние коишто се со доминантно машки. Жените се поподготвени да слушаат, да градат цврсти врски врз основа на разбирање и почитување. Нивната способност да сочувствуваат кон потребите на другите, нивната издржливост при премостување на тешките предизвици ги прави совршени кандидати кои во органите на управување би биле отворени за неконвенционални решенија и експертски мислења, рече Ѓоргиевска.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи нагласи дека и покрај значителните чекори во последните неколку години, жените продолжуваат да се соочуваат со системски бариери кои го попречуваат нивниот напредок на самото работно место.

-Со исклучувањето на жените од корпоративните одбори креираме средина каде талентот и потенцијалот на жените неправедно се занемаруваат, односно дискриминираат. Нам ни е обврска да ги урнеме овие бариери и да поттикнеме инклузивна култура каде секој поединец без разлика на родот има еднакви можности да напредува. Прифаќањето на родовата различност не е само морален императив, туку е и паметна економска одлука. Според мене, родово сензитивната застапеност не е прашање на ексклузивност, туку на фокус, а во фокусот е неискористениот потенцијал на жените кои нам ни е потребен за посакуваниот развој сега и веднаш, рече Битиќи.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер во видео обраќање потенцира дека жените и понатаму продолжуваат да се соочуваат со нееднакви околности во работната сила и во секојдневниот живот.

-Иако има напредок во последниве години, и во САД и во Северна Македонија, жените и понатаму се недоволно застапени на лидерски позиции во јавниот и приватниот сектор. Треба да вклучиме повеќе различни гледишта ако сакаме да го отклучиме целосниот потенцијал на нашите општества и на економијата. Меѓутоа, жените не можат да напредуваат сами. Реалноста е таа дека жените и понатаму се соочуваат со нееднакви околности во работната сила и во секојдневниот живот. Затоа, денеска ве охрабрувам и да ги повикате сојузниците, оние со кои можеме заедно да делуваме за поголема правичност, а со тоа и поголем успех. Ниту една од нас не е сама во ова, рече амбасадорката Агелер. 

Бен Нупнау, заменик-шеф на делегацијата на Европската Унија во земјава истакна дека учеството на жените е двигател на растот и иновациите. Потенцира дека во бизнисот, политиката и општеството како целина можеме да го постигнеме нашиот целосен потенцијал, само ако ги искористиме сите наши таленти и целата наша разновидност. 

-Родовата еднаквост е клучен принцип на ЕУ, меѓутоа тоа  е многу далеку од реалноста. Искористувањето на само пола од популацијата, половина од идеите и енергијата, не е доволно добро. По 2020 година, ЕУ ја усвои својата стратегија за родова еднаквост за да ги затвори јазовите помеѓу родовите во платите, пензиите, пазарот на трудот, во економијата и политиката. Тогаш жените заработуваа 16 проценти помалку од мажите, а само осум проценти од извршните директори на најголемите компании во Европа беа жени. Оваа стратегија од тогаш е база сите политики и мерки кои ги презема ЕУ за да се постигнат нашите заложби во поглед на создавањето на Унија на еднаквости, рече Нупнау посочувајќи дека процесот на пристапување кон ЕУ значи дека земјите ќе преземаат мерки и чекори кон почитување на човековите права, промовирање на заедничките вредности и постигнување на родовата еднаквост.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан