• петок, 22 ноември 2024

Конференција: Медиумската писменост во образованието ги оспособува учениците успешно да управуваат со информациите

Конференција: Медиумската писменост во образованието ги оспособува учениците успешно да управуваат со информациите

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Медиумската писменост е вклучена во формалното основно образование како посебна тема во наставната програма по Мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски и босански), а е интегрирана и во теми и области во други предмети, како и во слободните и изборните предмети.

Почна да се воведува во рамки на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ кој од 2021 година го спроведуваат ИРЕКС и партнерите - Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетите и младинските клубови.

Организирани се обуки за наставниците во основното образование и подготвени прирачници како тие да ги реализираат содржините од медиумската писменост. Прирачниците за сите одделенија се достапни електронски на веб-страниците на Бирото за развој на образованието (БРО) и на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Од прво до петто одделение се достапни и печатени, а во подготовка се и печатени прирачници од шесто до деветто одделение. Во план е проектот да продолжи и во средното образование.

Во рамки на проектот, МИМ и ИРЕКС денеска организираа национална конференција „Медиумската писменост во образованието“. Ресорната министерка Весна Јаневска за медиумите изјави дека резултатите на проектот се значајни за општеството, за што и се заблагодари на Американската амбасада и на УСАИД. Нагласи дека медиумската писменост е „моќна алатка во борбата со лажни вести, манипулации, предрасуди, пласирање одредени ставови“ што, како што рече, во денешно време претставува сериозна закана за развојот на младите луѓе особено со подемот на вештачката интелигенција.

-Медиумската писменост со поддршка на МОН стана составен дел од наставните програми во основно образование и планираме да продолжиме и во средно образование. Искрено се надевам дека и понатаму овој проект ќе дава одлични резултати како и досега. Со овој проект учениците стекнуваат вештини критички да ги анализираат содржините што ги добиваат од различни извори, да ги разбираат соодветно на контекстот, да ги поврзуваат со други информации и да бидат во состојба да го проценат нивниот квалитет и, како резултат на тоа, самостојно да носат одлуки и судови базирани на факти, што е исклучително важен елемент за развој на една млада личност, истакна Јаневска.

Според Џери Дајбл, претставничка на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, медиумската писменост не е само вештина, туку е основата на општеството како да се разликува фактот од фикцијата.

-Таа е силата на нашата демократија зашто тоа зависи од нашите млади луѓе успешно да управуваат со информациите. Тие се архитектите на нашата иднина... Денес сите сме изложени на дезинформации или лажни информации кои влијаат на довербата на институциите и ја еродираат демократската вредност. УСАИД помага да се постигнат повисоки вештини за медиумска писменост кои поттикнуваат критичко и колаборативно размислување, рече Дајбл.

Ајше Ајрулаи од БРО се осврна на напредокот од воведувањето на медиумската писменост во основното образование и компетенциите на наставниците за кои се организирани обуки.

-Сметаме дека е многу значајно доколку медиумската писменост се воведе во образовниот систем како посебен наставен предмет, па во Рамката за воведување на медиумската писменост во основното образование дадена е можноста за развивање посебен предмет како слободен изборен предмет од четврто до деветто одделение. Сметаме дека тие програми особено ќе придонесат за развивање ставови и вредности кај младите генерации, рече Ајрулаи.

Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) информираше за сите активности преземени за развој на проектот на УСАИД „Младите размислуваат“. Покрај прирачниците за наставниците, кои се достапни онлајн за сите одделенија и засега печатени до петто одделение, МИМ подготвил и материјал за учење наменет за седмоодделенците со лекции поврзани со медиумската писменост.

За учениците  да ги запознаат основите на новинарството и да создаваат новинарски содржини, преку соработка на МИМ и училиштата во изминатите две години во рамки на проектот се формирани 80 медиумски клубови низ државата. Нивните членови биле и во организирани посети во редакции на медиуми, а МИМ на крајот на годината објавил и конкурс за најдобар медиумски производ за клубовите.

-Минатата година видовме многу ентузијазам и креативност кај учениците. Со клубовите беа опфатени над 700 ученици од основните и од средните училишта, кои самите продуцираа над илјада медиумски продукти, соопшти Никодиноска.

Рече дека се многу ефектни и исклучително гледани онлајн едукативните видеа за учениците и наставниците кои неколку недели се прикажуваат  на МРТВ и на социјалните канали на МИМ. Целта е, рече Никодиноска, тие да стигнат до што поширока публика бидејќи на интересен начин ги засегаат темите поврзани со медиумската писменост. хс/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан