• среда, 20 ноември 2024

Конференција за спречување на перење пари и борба против тероризмот од страна на нотаријатот

Конференција за спречување на перење пари и борба против тероризмот од страна на нотаријатот
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Нотарската комора на Северна Македонија е на многу добар пат, бидејќи во голема мера ги исполнува стандардите на Европската Унија, беше истакнато на денешната Конференција за спречување на перење пари и борба против тероризмот од страна на нотаријатот, што беше организирана од страна на Германска фондација за меѓународна правна соработка,  Нотарска комора за Република Северна Македонија и Сојузната нотарска комора на Германија. Германскиот нотар Ловро Томашич појасни дека на конференцијата со неговите македонски колеги зборувале за обврските на нотарите во Германија и во Северна Македонија и констатирале дека има многу сличности, бидејќи како нотари во двете земји имаат слични обврски. - Во двете земји постојат латински функционални нотаријати, што значи дека секоја недвижност мора да се завери кај нотарот и со тоа нотарот може да даде свој придонес во вршење на истраги при пренос на недвижности и на трансакции и со тоа се дава значаен придонес кон спречување на перење на пари. Освен тоа нотарите во двете земји имаат и други обврски, на пример, го анализираат ризикот при овие трансакции и во дадени случаи треба и тоа да го пријават, наведе Томашич. Тој додаде дека Конференцијата, на која се разменуваат искуства, се гледа како можност за нови идеи кои се важни за нивната улога како нотари. - Ние како нотари имаме важна општествена одговорност во спречувањето на перењето пари и таа задача е важна за нас, бидејќи ние можеме да дадеме наш придонес во тоа, нагласи германскиот нотар. Претседателот на Нотарската комора, Методија Ристоски потенцираше дека земјава има голема поддршка од страна на Сојузната нотарска комора на Германија во борбата за спречување на перење на пари и борбата против тероризмот. см/сп/ 

Остани поврзан